Навивачите на Ливерпул конечно можат да здивнат – денес клубот од Енфилд Роуд објави дека Мохамед Салах потпиша продолжување на договорот, со што играчот останува во клубот уште најмалку две сезони.
Одлуката на крилниот офанзивец кој игра одлична сезона за тимот од Мерсисајд доаѓа во завршниот период од сезоната во која што тој досега даде 32 гола во 45 натпревари, од кои 27 се во Премиер лигата, каде што е апсолутен лидер на табелата и несомнено освојувач на Златната копачка во “EPL” сезонава.
Веста дека Салах потпиша продолжување на осумгодишниот престој на Енфилд ги израдува навивачите, давајќи им надеж дека тимот на Арне Слот ќе продолжи да атакува на сите фронтови и во наредните сезони.
“Одлично е што сум тука уште две години”, рече Салах. “Затоа сум среќен што потпишав нов договор. Сега имаме одличен тим. И претходно имавме одличен тим. Но, потпишав бидејќи мислам дека имаме шанса да освоиме уште трофеи и да уживам во мојот фудбал”.

“Тука ги имав најдобрите години. Играв осум години, а се надевам дека ќе станат и 10. Уживам во мојот живот тука, уживам во мојата игра. Тука ги имав најдобрите години во кариерата”, рече Салах, кој прерасна во вистинска легенда на Ливерпул по неговиот трансфер во клубот од Рома во 2017 година.
Неговата импресивна кариера во тимот бележи 7 освоени трофеи, 243 голови, 394 појавувања на теренот, медали во Премиер лигата и Лигата на шампионите, ФИФА Светското првенство за клубови, УЕФА Супер Купот, ФА Купот и уште два Лига купови.
Дополнително, тој ја освои Златната копачка во Премиер лигата во три наврати, а сега тој ќе се обиде со Ливерпул да ја надополни листата со нови трофеи зад неговото име.
Special place. Special player. 🇪🇬👑 pic.twitter.com/OAC8T8cgjt
— Liverpool FC (@LFC) April 11, 2025