Голот на Виктор Осимен донесе историска победа за Галатасарај против Ливерпул, додека Килијан Мбапе стигна до бројката од 60 погодоци во Лигата на шампионите со спектакуларен хет-трик за Реал Мадрид. Радост имаше и за Атлетико, Баерн, Интер и Марсеј, кои одиграа вечер за паметење со убедливи победи.
Аталанта 2-1 Клуб Бриж
Белгискиот тим поведе со прекрасен гол на Христос Цолис, но Лазар Самарџиќ со прецизен пенал ја врати Аталанта во игра. Во самиот финиш, Марио Пашалиќ со удар со глава донесе голема победа и стана најдобар стрелец на клубот во историјата на ЛШ.
Играч на натпреварот: Марио Пашалиќ (Аталанта)
Кајрат Алмати 0-5 Реал Мадрид
Домашните фанови се надеваа на изненадување откако веднаш на стартот го тестираа Куртоа, но потоа Мбапе презеде сè во свои раце. Со пенал, прекрасен гол во брз контранапад и моќен удар од дистанца, Французинот ја реши средбата уште пред Камавинга и Брахим Дијаз да ја запечатат победата.
Играч на натпреварот: Килијан Мбапе (Реал Мадрид)
Атлетико Мадрид 5-1 Ајнтрахт Франкфурт
Атлетико експлодираше пред својата публика – Распадори отвори, Ла Норманд зголеми, а Антоан Гризман со јубилеен 200-ти гол го доведе “Ванда” до еуфорија. Иако Франкфурт намали преку Буркардт, головите на Симеоне и Алварез ставија точка на спектаклот.
Играч на натпреварот: Хулијан Алварез (Атлетико Мадрид)
Челси 1-0 Бенфика
Во дуел со малку шанси, единствениот гол падна по автогол на Ричард Риос по нафрлање на Гарначо. Бенфика се обидуваше да израмни, но Трубин беше ѕид на голот на Челзи, а црвениот картон на Жоао Педро во надополнувањето ги уништи надежите на гостите.
Играч на натпреварот: Марк Кукуреља (Челси)
Интер 3-0 Славија Прага
“Нераѕурите” покажаа моќ уште од првиот свиреж и ја контролираа играта во секоја минута. Лаутаро Мартинез постигна два гола и учествуваше во вториот на Дензел Дамфрис, со што Интер останува совршен по првите две кола.
Играч на натпреварот: Маркус Турам (Интер)
Бодо/Глимт 2-2 Тотенхем
Норвежаните можеа да водат уште во првиот дел, но Хег ја промаши најдобрата шанса од пенал. Во продолжението, Хауге со два спектакуларни гола ја шокираше англиската екипа, но Тотенхем преку Ван де Вен и Гундерсен најде начин да извлече бод од тешко гостување.
Играч на натпреварот: Јенс Петтер Хауге (Бодо/Глимт)
Галатасарај 1-0 Ливерпул
Историска ноќ во Истанбул – Виктор Осимен од белата точка донесе победа за Галатасарај, прва домаќинска во ЛШ по седум години. Ливерпул се обидуваше да израмни, но шансовите на Гакпо и Екитике завршија кај одличниот голман Чакир.
Играч на натпреварот: Виктор Осимен (Галатасарај)
Марсеј 4-0 Ајакс
Французите експлодираа уште од стартот – Паишан постигна два прекрасни гола, Гринвуд го зголеми водството, а Обамејанг стави печат на убедливата победа. За Ајакс ова беше ноќ за заборав во која не најдоа одговор на интензитетот на Марсеј.
Играч на натпреварот: Пјер-Емерик Обамејанг (Марсеј)
Пафос 1-5 Баерн Минхен
Баерн уште во првиот дел постигна четири гола преку Кејн (2), Гереро и Николас Џексон, целосно прегазувајќи го противникот. Иако Оршиќ намали со прекрасен удар, Олесе со силен шут го потврди високото славје на Баварците.
Играч на натпреварот: Хари Кејн (Баерн Минхен)