10.8 C
Skopje

Лудило на арапски начин: Стадион на врв на облакодер за Светското првенство 2034!

Објавено:

Токму кога мислевте дека сте виделе сè во фудбалот, Саудиска Арабија ги поместува границите на возможното и на здравиот разум. Во рамките на подготовките за Светското првенство во 2034 година, кое го добија без противкандидат, беа претставени планови за 15 футуристички стадиони, но еден од нив го остави светот без зборови.

Подгответе се за НЕОМ Стадион, фудбалски храм кој ќе биде изграден на врвот на облакодер, на висина од 350 метри над земјата!

Концепт-артот кој се појави на социјалните мрежи изгледа како сцена од научно-фантастичен филм. Стадионот, со капацитет од 46.000 гледачи, е предвидено да биде дел од мега-проектот “The Line”, предложениот паметен град во една единствена зграда долга 170 километри, висока 500 метри, без автомобили, улици и јаглеродни емисии, дизајнирана да вдоми девет милиони луѓе.

Во официјалната кандидатура доставена до ФИФА, Саудијците навеле: “НЕОМ Стадион ќе биде најуникатниот стадион во светот. Со терен сместен на повеќе од 350 метри над земјата, неверојатни глетки и покрив создаден од самиот град, стадионот ќе биде искуство како ниедно друго”.

Покрај овој “воздушен” стадион, плановите вклучуваат и други архитектонски чуда, како стадион што блеска во различни бои, друг изграден од кристални парчиња и трет направен исклучиво од локални материјали.

Реакциите на социјалните мрежи се очекувани – од тотално воодушевување до апсолутен потсмев и загриженост. Додека едни се фасцинирани од идејата, многумина ја коментираат како “најглупавата работа на светот” и “смртна стапица што чека да се случи”.

“Како ќе се евакуираат 46.000 луѓе во случај на опасност?”, “Што се случува кога некој ќе ја шутне топката надвор од стадионот?”, “Ова е дефинитивно сцена од ‘Final Destination’ што чека да се случи”, се само дел од коментарите.

Иако многумина се сомневаат дека ваков проект воопшто ќе се реализира, едно е сигурно, Саудиска Арабија е решена да го организира најскапото и најспектакуларното Светско првенство во историјата. Дали овие футуристички соништа ќе станат реалност или ќе останат само скапи 3Д рендери, останува да видиме во деценијата што доаѓа.


Следете нè: Facebook | Instagram | X

Можеби ќе те интересира...

Поврзано

Тазе објавено