Лука Дончиќ се повреди, Лејкерс „прегазени“ во градското дерби!

Објавено:

Најдобриот стрелец во НБА лигата, Лука Дончиќ, предвреме го заврши синоќешниот дуел против Лос Анџелес Клиперс (103-88), откако заработи повреда на левата нога која го принуди да остане во соблекувалната по првото полувреме.

Кошмарно полувреме и повреда на Словенецот

Дончиќ, кој сезонава бележи неверојатни 35,2 поени по натпревар, не личеше на себе уште од самиот старт. Ги промаши првите шест шута, заработи техничка грешка и првиот дел го заврши со „скромни“ 12 поени (4/13 од поле). Тренерот на Лејкерс, Џеј-Џеј Редик, потврди дека Лука почнал да куца уште во втората четвртина, а тимот подоцна објави дека станува збор за силна контузија (набиеница) на ногата.

„Најлошата работа во спортот се повредите. Не само во кошарката, туку во спортот воопшто. Мораме да продолжиме со тие што се во униформа, но очигледно е тешко без лидер како Лука“, изјави Леброн Џејмс по натпреварот.

Клиперси доминираа против десеткуваните Лејкерс

Покрај Дончиќ, Лејкерс на овој меч настапија без неколку клучни играчи: Остин Ривс, Деандре Ејтон и Руи Хачимура беа во аут поради повреди. Без нивната помош и со Лука надвор од стројот во второто полувреме, Клиперси без проблеми ја одржуваа предноста.

Младиот Далтон Кнехт започна на местото на Дончиќ во вториот дел, но „езерџиите“ ниту во еден момент не го загрозија водството на домаќинот. Овој пораз (103-88) е втор во низа за Лејкерс, но главната грижа останува здравствената состојба на Словенецот, бидејќи секое негово отсуство може драстично да ги намали шансите на тимот во силната Западна конференција.


Следете нè: Facebook | Instagram | X

Можеби ќе те интересира...

Поврзано

Тазе објавено