Маестралната тактика на Мареска што ја донесе светската круна за Челси

 

Објавено:

На финалето од ФИФА Светското клупско првенство 2025 во Њу Џерси, Челси успеа да приреди сензација и да го совлада актуелниот европски шампион ПСЖ со убедливи 3-0. Иако во очите на многумина беа аутсајдери, лондонскиот клуб под водство на Енцо Мареска демонстрираше тактичка зрелост и психолошка подготвеност каква што ретко се гледа на вакво ниво.

Токму Мареска е архитектот на оваа победа. Тој не само што ги постави своите играчи совршено на теренот, туку го пронајде единствениот начин да го неутрализира најексплозивниот напад на турнирот. Кои беа клучните три фактори на неговиот Мастерклас:

Тактика што ги разоружа Парижаните

Челси ја одигра финалната пресметка со комбинација од висок пресинг и компактна дефанзива со петмина во задната линија кога ПСЖ напаѓаше. Токму оваа тактика ги спречи Дезире Ду, Усман Дембеле и Квича Кварацхелија да ја користат својата брзина и простор на крилата, нешто што им донесе огромна предност низ целиот турнир.

Мареска ја опиша стратегијата вака: “Целта беше да одиграме човек-на-човек, бидејќи ако им оставите простор на ПСЖ, ве уништуваат”. Тоа и се случи. Челси ги “задуши” уште во првите 10 минути.

Фудбалери како Нето, кој несебично ја покриваше левата страна како импровизиран бек, и голманот Роберт Санчез кој имаше неколку клучни интервенции, беа дел од сложувалката што ги спречи Парижаните да најдат каква било ритмичност. На моменти изгледаа изгубено, a најдобар пример беше ситуацијата во која Ду се обиде да помине тројца дефанзивци и едвај извлече прекршок.

Каседо и Џејмс – клучот за средината

На средината од теренот, Мареска изненади со поставување на Рис Џејмс (инаку прв десен бек) како централен играч покрај Мојсес Каседо. Оваа двојка не само што ја контролираше топката и темпото на игра, туку успеа и целосно да го неутрализира Витиња, кој постојано беше принуден да игра во ширина.

Влијанието на Фабијан Руиз и Жоао Невес исто така беше минимално, а токму Невес во 85′ минута го покажа фрустрацијата со неславен потег, влечење за косата на Марк Кукурела, што резултираше со директен црвен картон.

Извор: https://x.com/FIFAcom

Умно користени долги топки

Со затворена средина и две високо поставени одбрани, Челси најде решение преку долги топки. И тоа како! Првиот гол дојде по долга топка од Санчез до Густо, кој искористи грешка на Мендеш и му асистираше на Кол Палмер. Вториот, пак дело на Палмер, дојде по воздушен пас од Колвил, кој му овозможи на младиот Англичанец да ја удвои предноста со серија префинети движења пред голот на Донарума.

Во натпревар во кој двата тима се обидуваа да го наметнат својот пресинг, Челси беше оној кој тактички “читаше” подобро, играше посигурно и напаѓаше поефективно. Финалниот резултат не беше случајност, туку плод на јасна стратегија и беспрекорна реализација.

Заклучок

Со оваа победа, Челси не само што ја освои титулата светски клупски шампион, туку и испрати порака до европската елита дека под Мареска, тимот е подготвен да биде сериозен фактор. Победата над фаворизираниот ПСЖ не беше само фудбалски спектакл, туку и тактичка лекција што долго ќе се анализира.

 

Можеби ќе те интересира...

Тим Спортска Станица
Тим Спортска Станицаhttps://sportstation.mk
Официјалниот профил на уредничкиот тим на SportStation.mk.

Поврзано

 
 

Тазе објавено