Пишува: Редакција на SportStation.mk
Пред да фрлите уште еден камен по нашите репрезентативци, застанете за миг. Земете воздух. И погледнете ја сликата подолу.
Ова е „Тимот на отпишаните“. Најскапите фудбалери на планетата кои со сигурност нема да ги видиме на Светското првенство во 2026 година.

Погледнете ја сликата горе уште еднаш. Добро погледнете ја. Брајан Мбеумо. Виктор Осимен. Квича Кварацхелија. Карлос Балеба. Доминик Собослаи.
Вкупна вредност на овој тим? 590 милиони евра. Шанси да играат на Светското првенство во Америка? Нула. Тие се веќе елиминирани. Нивните нации потфрлија.
А сега, погледнете кон Македонија. Малата Македонија, со 1.8 милиони жители, со буџет кој е „статистичка грешка“ во споредба со овие гиганти, сè уште е во игра. Зборуваме за една од најсиромашните економии во Европа. Ние сме во баражот. Ние го живееме сонот што овие милионери го сонија, но го загубија.
Се сеќавате ли каде бевме?
Замислете само да имавме една, само една од овие ѕвезди во нашиот тим. Но, ги немаме. Ги имаме нашите момци. И знаете што? Тоа е сосема доволно за да бидеме горди.
Денес е лесно да се критикува по 7-1. Но, дозволете ни да ви го освежиме помнењето. Се сеќавате ли како изгледаше македонската репрезентација пред оваа „златна ера“? Се сеќавате ли на мачењата и поразот од Андора? Нерешеното со Малта? На поразите од Луксембург? Времињата кога бевме среќни ако поминеме центар? На времињата кога бевме топовска храна за третокласни селекции и кога квалификациите ни завршуваа после третото коло?
Оваа генерација го смени тоа. Засекогаш.
- Европско првенство за млади ‘U21’ (2017) – Бевме таму.
- Европско првенство за сениори (2020) – Бевме таму.
- Бараж за СП 2022 – Ја исфрливме Италија.
- Бараж за СП 2026 – Тука сме, повторно!
Аномалијата наречена „Македонски фудбал“
Ајде малку да зборуваме со факти, не со емоции. Македонија има околу 1.8 милиони жители. Според популацијата, ние сме на 167-мо место од 211 членки на ФИФА. По површина (25.713 km²), сме некаде околу 150-то место. Економски? Да не отвораме рани. Системски? Корупција, лоша инфраструктура, импровизација во секоја пора на живеењето.
И во такви услови, во таква „неплодна почва“, овие момци ни носат радости резервирани за светските велесили. Тоа не е успех. Тоа е чудо. Тоа е пркос.
Наместо да ги плукаме и омаловажуваме, треба да ги величаме. Како група, како поединци, како феномен.
Ова не е пораз, ова е повик за мобилизација!
Овој болен пораз во Кардиф нека биде последното предупредување, но и најголемиот мотив. Апелираме до сите спортски работници, до клубовите, до ФФМ: Во наредните 4 месеци, целиот фокус, целата енергија и помош мора да се насочи кон овие херои. Да им се помогне да ја вратат формата, да застанат на нозе, да се исправат.
Зошто да не веруваме дека можеме да поминеме еден, па и двајца противници во баражот? Зошто да не сонуваме за Америка? Но, знаете што? Дури и да испаднеме во полуфиналето. Дури и да не успееме. Овие момци се веќе нашите херои. Поклон до земја и фала ви за сè што направивте досега.
Порака до „мизерните души“
А за оние другите… За хејтерите кои се најтивки кога победуваме во Палермо или Дуизбург. За оние „мизерни души“ кои како да чекаат пораз за да излезат од дупките и да оцрнуваат.
Имаме порака до фудбалерите и стручниот штаб: НЕ ГИ ЕСАПЕТЕ! Не дозволувајте тие зли јазици да ви влезат во главата. Ние, вистинските навивачи, го гледаме вашиот говор на телото. Ја гледаме болката во вашите очи по секој неуспех. Знаеме колку ви значи дресот со државниот грб.
Ви посакуваме од сè срце да се кренете како Феникс од пепелта. Да се издигнете над сивилото, над поразот од 7-1, и да летнете уште повисоко во височините каде што не кренавте во последнава деценија.
Главата горе! НАПРЕД МАКЕДОНИЈА! 🇲🇰❤️
Следете нè: Facebook | Instagram | X



