Македонската фудбалска репрезентација официјално ги стартуваше подготовките во Скопје за претстојните два силни контролни натпревари против селекциите на Босна и Херцеговина (29 мај во Сараево) и Турција (1 јуни во Истанбул).
Фудбалерите предводени од селекторот го одработија првиот тренинг во националната база, а атмосферата на собирот во хотелот „Хилтон“ јасно покажува дека во таборот на „рисовите“ мотивот е на највисоко ниво, без разлика што станува збор за пријателски средби против две селекции кои се подготвуваат за настап на Светското првенство.
Атанасов со јасна порака: Новите имиња носат квалитет
Еден од лидерите во средниот ред, Јани Атанасов, испрати моќна порака околу пристапот на националниот тим, нагласувајќи дека кога се игра за Македонија, калкулации едноставно нема.
„Кога доаѓаме во репрезентацијата на Македонија, не постојат пријателски натпревари. Тука сме да го дадеме максимумот и да покажеме дека заслужено го носиме македонскиот дрес. Босна и Херцеговина покажа сериозен квалитет во квалификациите и избори пласман на Светското првенство, но ние одиме во Сараево да се надигруваме и да се подготвиме за победа“, дециден е фудбалерот на грчка Лариса.
Атанасов се осврна и на неколкуте нови имиња на списокот, давајќи им целосна поддршка за побрза адаптација во националниот тим.
„Верувам дека селекторот ги избрал вистинските фудбалери во моментов. И ние пред неколку години дојдовме како нови играчи, дадовме сè од себе за грбот на дресот и се надевам дека сите заедно ќе продолжиме да туркаме кон големи успеси“, додаде Атанасов.
Комплетирање на тимот и остварен детски сон на дебитантот Аломеровиќ
На првиот собир стручниот штаб го имаше на располагање речиси комплетниот состав. Во базата оправдано недостасуваа само главните ѕвезди Елиф Елмас и капитенот Енис Барди, чие приклучување е предвидено за вечерва, како и Агон Елези кој пристигнува утре.
Посебен емотивен момент на собирот донесе дебитантот Дин Аломеровиќ, кој не го криеше задоволството што по настапите во сите младински категории, конечно го дочека денот да го облече најважниот дрес во сениорска конкуренција.
„Чувството е навистина прекрасно, со голема чест и задоволство сум тука. Желба ми беше од мали нозе, уште кога почнав да играм фудбал, да дојде денот да заиграм за А репрезентацијата. Благодарение на добрите игри и на стручниот штаб, мојата желба се исполни. Познавам половина од играчите, верувам во овој тим и знам дека имаме квалитет да се носиме и со Босна и со Турција“, изјави младиот Аломеровиќ.
Пред македонската експедиција се неколку денови интензивни тактички подготовки во Скопје пред летот за Сараево, каде на 29 мај нè очекува првиот сериозен испит за проверка на силите против моќната босанска селекција.



