Македонија гостува во Даблин: Традицијата, проектилот на Христов и „прстите“ на Џаро

 

Објавено:

Вечерва од 20:45 часот на стадионот „Авива“, македонската репрезентација излегува на мегдан против Република Ирска во пријателски натпревар. Иако овојпат влогот не е пласман на Мундијал, историјата на овие две селекции е преполна со моменти кои се прераскажуваат со децении.

Низ историјата, Македонија и Ирска одиграле шест меѓусебни средби, сите во квалификациски циклуси до 2011 година. Статистиката е на страната на Ирците (4 победи, 1 реми и 1 пораз), но еден датум е засекогаш врежан во меморијата на македонските фанови – 2 април 1997 година.

Седлоски: Победата од 3-2 беше првиот голем резултат на мојата генерација

Актуелниот селектор Гоце Седлоски вечерва по вторпат ќе го води тимот од клупата, но тој е еден од ретките кои знаат како е да се победи Ирска на терен. Како тогашен столб на одбраната, тој се потсети на култните 3-2 во Скопје.

„Победата над Ирска во Скопје веројатно беше првиот голем резултат на нашата генерација. Тоа е еден од моите најдобри натпревари. Се сеќавам на дуелите со Тони Каскарино тука во Даблин кога загубивме минимално, но тој триумф дома ни ја даде самодовербата дека можеме со најголемите“, изјави Седлоски пред вечерашниот меч.

Херои на тој меч беа Митко Стојковски со два гола од пенал и Ѓорѓи Христов со оној незаборавен „проектил“ кој сè уште се врти на шпиците како еден од најубавите голови во историјата на националниот тим.

Култната легенда: Дали Џаро навистина го „среди“ судијата?

Сепак, покрај фудбалските мајстории, овој натпревар со години го следи и една контроверзна приказна. Најпознатиот балкански менаџер и „крал на местенките“, покојниот Велибор Џаровски – Џаро, во емисијата „Еден на Еден“ јавно тврдеше дека тој стои зад таа победа.

Според неговото сведочење, Џаро „се погрижил“ белгискиот судија Мишел Пиро да биде соодветно пречекан во Скопје. Легендата вели дека судијата добил „специјален третман“ и подароци, што резултирало со два досудени пенали за Македонија. Иако овие тврдења никогаш не беа официјално потврдени и останаа во доменот на анегдотите, тие му даваат посебен шмек на овој историски дуел кој ја потресе тогашна фудбалска Европа.

Последниот гол на „Авива“ беше дело на Тричковски

Македонија последен пат гостуваше на овој стадион пред точно 15 години (март 2011). Под водство на Мирсад Јонуз, загубивме со 2-1 во меч каде Ирците рано поведоа, а единствениот гол за нас беше дело на Иван Тричковски по една одлична акција.

Вечерва, со нов селектор и нова генерација, Македонија ќе се обиде да ја поправи гол-разликата (5-11) и да покаже дека Даблин може да биде место за позитивни вести.

Следете нè: Facebook | Instagram | X

 

Можеби ќе те интересира...

Тим Спортска Станица
Тим Спортска Станицаhttps://sportstation.mk
Официјалниот профил на уредничкиот тим на SportStation.mk.

Поврзано

 
 

Тазе објавено