Серијал „Македонија низ историјата на Европските првенства” на Горан Талевски
Во 2022 година, салата „Феникс” во Дебрецин – Унгарија, беше сцената каде Македонија требаше да испише нова страница во својата ракометна историја. За првпат, најголемата легенда на македонскиот спорт, Кирил Лазаров, се појави во улога на селектор, но сè уште со бројот 7 на грбот како активен играч. Очекувањата беа измешани – надеж за ново чудо и страв од неминовната смена на генерациите.
Шокот пред првиот свиреж: Повредата на „Шефот”
Судбината си поигра со Македонија уште пред да почне турнирот. На последниот тренинг пред воведниот меч со Словенија, Кирил Лазаров заработи повреда на листот на ногата. Тој момент ја дефинираше нашата судбина: Лазаров мораше да остане само во одело на клупата, а младите сили, предводени од Филип Кузмановски и Филип Талески, мораа да преземат целосна одговорност на теренот, без „заштитната мрежа” наречена Кире.

Лажната надеж против Словенија
Отворањето против фаворизираната Словенија (25:27) беше можеби најдоброто издание на Македонија на турнирот. „Црвено-жолтите” играа храбро, модерно и без респект. Филип Кузмановски беше лидер со 5 гола, а младиот Цветан Кузманоски покажа дека има иднина на крилните позиции. Бевме во егал до самиот крај, но искуството на Словенците пресуди. Поразот болеше, но играта ветуваше.
Балканскиот кошмар: Лекијата од Црна Гора
Клучниот момент на првенството беше дуелот со Црна Гора. Тоа беше натпревар означен како „да се биде или не”. Победа носеше надеж за втора фаза, пораз значеше крај.
За жал, тој 15-ти јануари се претвори во кошмар. Македонија делуваше стегнато, без идеи во нападот, а на голот на противникот блескаше Небојша Симиќ, кој буквално нè „уништи” со своите одбрани. Поразот од 24:28 беше студен туш. Тоа беше моментот кога стана јасно дека без „старата гарда” (која веќе беше во пензија или на заминување), транзицијата ќе биде многу поболна отколку што се мислеше.

Судирот со светскиот првак и крајот
Последниот меч против моќната Данска беше само формалност. Светските шампиони, дури и со комбиниран состав, беа пресилни за нашиот разнишан тим. Поразот од 21:31 го запечати нашиот пласман.
Билансот: Најслабиот пласман, но почеток на нешто ново
Македонија го заврши ЕП 2022 со три порази и на 22-то место (од 24 репрезентации). Статистички, ова беше најслабиот пласман во историјата на нашите настапи на ЕП.
Но, Дебрецин 2022 имаше и друга страна. Тоа беше првенството каде дефинитивно се расчисти дека иднината им припаѓа на новите имиња. Мартин Серафимов, Марко Митев и Игор Ѓоргиев ги добија своите први сериозни минути. Лазаров како селектор покажа дека сака да игра брз ракомет, но и дека за тој систем е потребно време и трпение.
Унгарија 2022 беше горчлива пилула која мораше да се проголта за да може да започне процесот на заздравување и создавање на новата македонска ракометна репрезентација.




