Македонските фудбалери издржаа! Издржаа под “ѓаволските” напади на Белгија кои не престанаа ниту во еден момент во текот на целиот натпревар. Херој на денешниот меч беше нашиот голман Столе Димитриевски кој имаше неколку спектакуларни одбрани и успеа да ја задржи празна мрежата на Македонија за резултат 0-0. Одличен беше и капитенот Барди, тврдината во одбраната Зајков, а пофалби и за младиот Деспотовски кој уште еднаш ја оправда довербата од клупата.
Македонија со ова останува прва на табелата пред Белгија, а веќе во понеделник дома ја пречекуваме репрезентацијата на Казахстан, каде мора да одиме на победа ако сакаме да го задржиме првото место.
Многу би било да се каже дека денес можевме и да победиме, но затоа и тоа како се одбранивме. Се одбранивме од 25 шутеви кон голот, се одбранивме од 13 корнери, се одбранивме од пеколните “Црвени ѓаволи” кои дадоа буквално сè од себе за да победат. Де Брујне и Доку доминираа на теренот, но за наша среќа не успеаја во нивната намера да ја срушат нашата одбрана.
🇧🇪🆚️🇲🇰 pic.twitter.com/1UnACsQoFv
— sportstation (@sportskastanica) October 10, 2025
За разлика од нив, ние имавме само три шута кон голот, од кои ниту една посериозна шанса и само два корнери. Ваквата игра иако можеби несвојствена за нас, сепак донесе резултат и уште еднаш ја потврди одличната одбрана која Македонија ја игра во последно време, што го докажува и фактот што во последните шестте натпревари одиграни во групата за квалификации за Светското првенство, имаме примено само два гола, еден од Белгија во Скопје и еден несреќен гол што го примивме во последните секунди од Велс.
Селекторот Боби Милевски со ова ја продолжува извонредната форма, изземајќи го тука пријателскиот натпревар со Саудиска Арабија, што е одличен резултат и доказ дека оваа наша репрезентација создрева од натпревар во натпревар.
Едно големо браво за нашите момци за денешната борба, а за овој натпревар сигурно уште многу ќе пишуваме. Она што сега е важно, е да се исполни Градскиот стадион во Скопје до последното место и да им се даде максимална поддршка на нашите момци во понеделник против репрезентацијата на Казахстан.
Сонот живее! Напред Македонија!