Фудбалската треска во Македонија го достигнува својот врв. Нашите најдобри фудбалери на 26 март на култниот стадион „Паркен“ во Копенхаген ќе ги одмерат силите против Данска во решавачкиот плеј-оф натпревар за пласман на Светското првенство 2026.
Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) денеска официјално ги пушти во продажба влезниците за овој историски дуел, овозможувајќи им на „Фалангата“ и на сите поддржувачи на националниот тим навреме да го обезбедат своето место на трибините во Данска.
Детали за влезниците и цените
Данската фудбалска федерација за македонските навивачи го резервираше Блокот D1 на стадионот „Паркен“, со вкупен капацитет од 1.750 седишта.
- Гостински навивачи (Блок D1): 3.650 денари
- Навивачи со попреченост (инвалидски колички): 3.650 денари
Процесот на купување е целосно дигитализиран и се одвива преку официјалната платформа на федерацијата на следниот линк: eticket.ffm.mk.
Важни напомени за навивачите
По завршување на трансакцијата, секој купувач ќе добие потврда на својата е-пошта. Важно е да се знае дека официјалните електронски билети нема да бидат испратени веднаш, туку ќе пристигнат на наведената е-пошта 14 дена пред одигрувањето на натпреварот.
Овој натпревар е последната пречка на патот кон историскиот прв пласман на еден Мундијал. Поддршката од трибините во Копенхаген ќе биде клучна за избраниците на Гоце Седлоски да го повторат успехот од минатите квалификации и да ја израдуваат нацијата.



