Македонија по „Жолтиот куп”: Скенирање на тимот пред ЕП – Кој е за прва постава, а кој ни „остана должник”?

Објавено:

Комплетна анализа на Горан Талевски

Македонската ракометна репрезентација се одјави од Винтертур со две победи и едно реми, но пред сè, со јасна слика за сопствените можности и слабости. Турнирот беше вистинско „чистилиште” за избраниците на Кирил Лазаров. Видовме моменти на тотален системски колапс, но и моменти на неверојатна ментална цврстина и голманска брилијантност.

Против Бахреин: „Победа со капитенски блесок”

Првиот тест против Бахреин (32:28) ја постави дијагнозата за целиот турнир: цврста одбрана, но напад кој често заглавува во безидејност. Македонија започна тврдо, со макотрпно градење на секој гол. Иако во 17-та минута имавме контрола, првите знаци на пад се појавија пред паузата кога со серија промашени зицери му дозволивме на противникот да се врати.

Во овој меч, Никола Митревски беше столбот со 9 интервенции во првиот дел, а Филип Кузмановски покажа зошто ја носи капитенската лента во нашата репрезентација. По бавниот старт (само 1 гол во првите 20 минути), капитенот експлодираше во второто полувреме, завршувајќи со импресивни 9 гола од вкупно 11 обиди. Сепак, веќе тука се забележаа првите „црни дупки” кај Мартин Серафимов (1/4) и Марко Митев (1/4), кои тогаш сè уште го бараа својот ритам.

Против Украина:„Од амбис до ракометна ренесанса”

Натпреварот против Украина (31:26) беше најголемата поука за нас. Првото полувреме беше класичен пример за тоа како НЕ треба да се игра: КАТАСТРОФАЛНИ 11 технички грешки за само 30 минути. Дезориентираноста беше толку голема што Украина водеше со 17:13 на паузата, а нашиот напад делуваше како случаен собир на поединци. Мартин Велковски тука ја имаше својата најслаба точка со дури 4 грешки, а нападот на моменти беше во тотален прекин.

Но, второто полувреме, Кирил Лазаров изнесе „нова” Македонија од соблекувалните. Иван Галевски влезе како спасител со 6 клучни одбрани, а одбраната „5-1″ буквално го „удави” противникот. Кузмановски повторно беше лидер со 7 гола, но овој пат доби поддршка од Игор Ѓоргиев (4/5) и Жарко Пешевски кој беше непогрешлив (3/3). Македонија покажа дека кога ќе го исчисти нападот од почетнички грешки, може да игра против секого.

Против Швајцарија: „Борба против прегрубата Швајцарија и судиите”

Нашиот последен контролен натпревар пред настапот на Европското првенство против домаќинот (29:29) беше круна на турнирот. Се соочивме со преагресивна Швајцарија и судиски критериум кој не доликува на пријателски меч. Првото полувреме повторно беше „распад систем”. Бевме на -6 (18:13), со бавен напад и мека одбрана.

Сепак, второто полувреме беше епско. Марко Митев израсна во херој со 7 гола, преземајќи ја одговорноста кога Кузмановски не беше најдобро расположен. Клучниот момент беше скандалозната судиска одлука за непостоечкиот гол на Швајцарија во 42-рата минута. Тој момент го разбуди македонскиот инает. Мартин Томовски бранеше токму кога нам ни беше најпотребно. Вкупно 4 одбрани, а Митев во последните секунди ја донесе правдата.

АНАЛИЗА НА ОДИГРАНОТО:

ЧУВАРИ НА МРЕЖАТА: Светата тројка на голот

·         Никола Митревски: беше на висина на задачата. Со 16 одбрани на двата меча на кои бранеше, тој е ветерот во грбот на нашата одбрана. Имаше и еден храбар обид за гол против Швајцарија што за малку не заврши во мрежата. Лидер во секоја смисла.

·         Мартин Томовски: Човекот кој знае да ги „затвори” фаворитите. Неговите 11 вкупни одбрани на турнирот, особено пеналите против Бахреин и Швајцарија, беа клучни за враќање на моралот на тимот. Кога Томовски влегува, се менува енергијата на теренот.

·         Иван Галевски: Иако бранеше само против Украина, тој е „X-факторот”. Со 6 одбрани во клучни моменти докажа дека Македонија не треба да се грижи за голманската иднина.

БЕКОВСКА ЛИНИЈА: Помеѓу генијалност и почетнички грешки

  • Филип Кузмановски: Моторот на тимот. 18 гола на трите меча, MVP на турнирот и огромна енергија во нашиот тим. Неговиот единствен минус се 6-те технички грешки на турнирот, кои се резултат на големиот притисок врз него.
  • Марко Митев: Турнирот го започна тешко, но блесна кога најмногу требаше. Од 1/4 против Бахреин, 0/1 со Украина, до 7/10 против Швајцарија.
  • Мартин Серафимов: Енигма. Може да даде 3 гола во серија, но и да направи 4 технички грешки како против Швајцарија. Неговата стабилност знае да биде клучна за десната страна.
  • Мартин Велковски: Добро почна со Бахреин (3/4), но потоа влезе во криза. Со Украина направи дури 4 грешки, што е недозволиво за играч со неговото искуство на едно Европско првенство. Мора да биде многу посигурен во организацијата.
  • Игор Ѓоргиев: На отварањето против Бахреин 3/4 со една грешка. Корисен против Украина (4/5), но под просек против Швајцарија каде не постигна гол и направи грешка. Сепак, неговата брзина и храброст е важна алка во системот на Лазаров.
  • Петар Анастасијевиќ: Иако не даде гол со Бахреин, неговиот учинок против Украина и Швајцарија (вкупно 4 гола) покажа дека на него може да се смета, особно во одбраната. И тоа како беше важна беше неговата украдена топка и контра против домаќинот.
Извор: https://www.facebook.com/rfmofficial

КРИЛА: Реализација под микроскоп

  • Иван Џонов: Модерен играч со одлична реализација (9 гола од 12 обиди на турнирот). Неговиот придонес е тивок, но константен.
  • Ненад Костески: Солидни 7 гола, но со Украина и Бахреин покажа дека падот на концентрацијата во реализацијата може да биде проблем.
  • Павле Анастасијевиќ: Два гола од два меча, но со две грешки. Млад играч на кого му требаат повеќе вакви натпревари за да се ослободи од притисокот.
  • Никола Костески: Без обид против Бахреин. Против Украина и Швајцарија постигна 3 гола од 6 шута. Искуството и смиреноста знаат да ни бидат од корист.

ПИВОТИ: „Моќни во напад, агресивни во одбрана

  • Жарко Пешевски: Иако со Бахреин остана без гол, против Украина и Швајцарија беше 100% (6/6). Неговото искуство и одлична форма се клучни за нас.
  • Марко Стојковиќ: Вкупно 4 гола на турнирот, но треба да внимава на однесувањето кон судиите. Тоа го чинеше исклучување на 2 минути против Украина. Против Швајцарија поправи впечаток со 2/2.
  • Михаил Аларов: Сигурен кога ќе добие топка (3/3 вкупно), но уште посигурен во одбрана. Два пати исклучуван во битни моменти (против Бахреин и Швајцарија).
  • Никола Марковски: Искусен борец, постигна по еден гол против Бахреин и Швајцарија, но неговото вложување во одбраната немаат цена.
  • Самуил Ристевски: Вкупно 6 гола на трите натпревари. Покажа ладнокрвност и во нападот и во одбраната. Вистински борец за тимот.
  • Енигмата Дамјан Митев: Зошто не доби шанса?

Едно од прашањата кои останаа не одговорено е статусот на Дамјан Митев на овие контролни натпревари. Иако беше дел од патувањето, помладиот од браќата Митеви не доби ниту една минута на трите натпревари во Винтертур. Зачудувачки е што во ситуација кога нападот се мачеше со креативност и кога се пробуваа различни ротации, овој млад и талентиран ракометар воопшто не беше виден на теренот. Останува нејасно дали се работи за тактичка одлука на Лазаров или можеби некоја полесна повреда. 

Извор: https://www.facebook.com/lazarovkiril7

ГЕНЕРАЛЕН ЗАКЛУЧОК: „Болестите” што мора да се излечат

Ако Македонија сака успех на ЕП, мора итно да реши три проблеми:

  1. Техничките грешки: На трите натпревари беа направени над 30 технички грешки. Против Украина и Швајцарија тоа нè стави во позиција да бркаме огромна негатива. На големо натпреварување, тоа не се враќа.
  2. Влезот во натпреварот: Недозволиво е репрезентацијата да чека 30 минути за да почне да игра ракомет. „Млитавиот” старт е луксуз кој не смееме да си го дозволиме.
  3. Играта во нападот: Мораме да престане да се потпираме исклучиво на индивидуални продори и „соло” решенија на бековите. Потребна е многу поголема дисциплина во спроведувањето на уиграни акции и тактички решенија. Нападот мора да биде течен, со брз проток на топката и вклучување на сите шест играчи, наместо конфузни обиди за влез кои често завршуваат со изгубена топка или погрешни додавања.

„Жолтиот куп” јасно покажа дека оваа Македонија има свој „рбет” и „челичен карактер”. И покрај сите падови, осцилации и почетнички грешки на овај турнир, пред сѐ да не заборавиме дека овие беа само контролни натпревари. Најдоброто од овој тим да го очекуваме во Данска. Овој тим докажа дека не прифаќа пораз дури и кога сè е против него. Нашите ракометари заминуваат на Европското првенство со многу лекции во ранецот, но и со една голема вистина: овој МАКЕДОНСКИ тим никогаш не смее да се отпише предвреме.

Извор: https://kl7.mk

Сепак, сега е моментот кога сите мораме да „спуштиме топка”. Овие три натпревари треба да бидат школо за ракометарите, а не причина за непотребно летање во облаци. Во Данска нè очекува сосема поинаков свет. Мора да бидеме реални – не смееме да очекуваме дека сме на исто ниво со еден гигант како Данска, но исто толку сме сигурни дека нашите момци нема да излезат на терен со бело знаме.

Против Португалија, пак, не смееме да влеземе со помисла дека победата ќе дојде сама по себе или пак дека нема да биде многу тешко. Португалија е сериозна европска и светска сила, што јасно го потврдија со големиот успех на Светското првенство минатата 2025 година. Против нив ни треба смиреност и максимално ладни глави.

Затоа, најголемата поддршка што можеме да им ја дадеме е да ги ослободиме од притисокот. Да не им набиваме преголеми амбиции кои можат само да ги „закочат”. Да ги оставиме тие да играат ракомет, а ние да навиваме со цело срце, без нереални очекувања. Многу подобро е да оставиме простор за позитивно изненадување, отколку однапред да се осудиме на разочарување поради амбиции кои ракометната публика ги наметнува.

Следете нè: Facebook | Instagram | X

Можеби ќе те интересира...

Тим Спортска Станица
Тим Спортска Станицаhttps://sportstation.mk
Официјалниот профил на уредничкиот тим на SportStation.mk.

Поврзано

Тазе објавено