Додека македонската фудбалска јавност со нетрпение го чека 26 март и гостувањето во Копенхаген, еден „Елминатор“ во Швајцарија испраќа пораки кои тешко се игнорираат. Елмин Растодер е во животна форма, а неговата последна партија во Женева само ја зголеми главоболката (од онаа позитивната) за новиот селектор Гоце Седлоски.
ФК Тун продолжува со својот „Лестер“ марш кон титулата во швајцарската Суперлига, а Растодер повторно беше човекот кој ја отклучи противничката одбрана. Во триумфот од 1:3 против Сервет, македонскиот напаѓач постигна мајсторски гол во 40-тата минута, негов четврти во оваа календарска година, a деветти во сезоната.
Профил на модерен напаѓач: Мускули на Роналдо, ладнокрвност на убиец
Швајцарските медиуми веќе почнаа да го споредуваат со Кристијано Роналдо, не само поради импресивната физичка конституција, туку и поради голгетерскиот инстинкт. Растодер во Женева покажа сè што му е потребно на еден модерен напаѓач: одлично движење без топка, супериорност во дуелите и хируршка прецизност при завршницата.
Дилемата на Седлоски: „Паркен“ не трпи експерименти, но бара храброст
Македонија на 26 март излегува на култниот „Паркен“ во Копенхаген во полуфиналето од баражот за Светското првенство. Противникот е Данска, репрезентација која е физички моќна и која ретко остава простор.
Прашањето кое го поставуваме во Спортска Станица е: Дали Гоце Седлоски ќе има храброст да стартува со Растодер како прва опција во нападот?
Иако Бојан Миовски останува прв избор во хиерархијата, моментумот во фудбалот често е поважен од името на дресот. Растодер игра во тим кој е лидер во силно европско првенство, тој е во „транс“ и полн со самодоверба. На „Паркен“ ќе ни биде потребен токму таков „фајтер“ кој може да ги малтретира данските дефанзивци сите 90 минути.
Седлоски е познат како тренер кој сака борбени играчи кои „гинат“ на теренот. Растодер е токму таков профил. Дали ќе го видиме како стартна „деветка“ во соочувањето со Шмајхел и компанија? Ако продолжи со ваквите игри во Швајцарија, неговото изоставување од првиот тим ќе биде потешка одлука отколку неговото вклучување.
Фудбалот е најубавиот, но и најсуровиот спорт. Еден натпревар може да те направи херој или трагичар. Растодер ги има сите предиспозиции за првото. „Седло“, потегот е твој!



