Иако Ландо Норис е официјалниот светски шампион за 2025 година, неговите ривали на патеката имаат малку поинакво мислење за тоа кој беше навистина најдобар зад воланот. Во традиционалната, осма по ред анкета на официјалниот сајт на Ф1, каде возачите тајно гласаат за своите колеги, едно име повторно доминира на врвот.
Макс Верстапен е „крал“ во очите на ривалите
И покрај тоа што за само два бода не успеа да ја одбрани титулата и да стигне до петтиот последователен пехар, Макс Верстапен е изгласан за возач на годината од страна на неговите колеги. Ова е петти пат по ред како возачите го избираат Холанѓанецот за најдобар меѓу себе.
Неверојатниот камбек во вториот дел од сезоната, каде победи на шест од последните девет трки и ја стопи предноста на Норис од огромни 104 бода на само два, беше доволен доказ за елитата во падокот. Дури шест возачи го ставиле Макс на првото место во нивните тајни листи.

Норис и Расел на подиумот, Хамилтон го нема на мапата!
Новиот светски шампион, Ландо Норис, заврши на второто место во овој избор. Иако ја донесе првата титула за Мекларен по долго чекање, неговите колеги сметаат дека Макс извлекол повеќе од својот болид во текот на целата година. Џорџ Расел го комплетираше подиумот на третото место по одличната сезона со Мерцедес.
Најголемиот шок на листата е отсуството на седумкратниот шампион Луис Хамилтон. За првпат откако постои ова гласање, Хамилтон не се најде во топ 10, што јасно говори за неговата тешка и разочарувачка дебитантска сезона во Ферари. Неговиот нов тимски колега, Шарл Леклер, падна за две места и заврши како петти.
Саjнц со почит од колегите, надежните „дебитанти“ во елитата
Карлос Сајнц доби огромно признание од ривалите. Шпанецот, кој имаше тежок премин во Вилијамс, со фантастичен втор дел од сезоната заврши на шесттото место. Исто така, импресивен е влезот на дебитантите Оли Берман и Исак Хаџар, кои веднаш се најдоа во најдобрите десет според гласовите на гридот.
Топ 10 возачи за 2025 според изборот на возачите:
- Макс Верстапен (Ред Бул)
- Ландо Норис (Мекларен)
- Џорџ Расел (Мерцедес)
- Оскар Пиастри (Мекларен)
- Шарл Леклер (Ферари)
- Карлос Саинц (Вилијамс)
- Фернандо Алонсо (Астон Мартин)
- Алекс Албон (Вилијамс)
- Оли Беарман (Хас)
- Исак Хаџар (Рејсинг Булс)

Апсолутен консензус: И шефовите на тимовите се согласуваат
За да нема дилеми околу тоа кој доминираше на патеката, истата анкета беше спроведена и кај десетте шефови на тимови. Резултатот на самиот врв е идентичен – Макс Верстапен е број еден и за стратезите во Ф1. Кај нив, Оскар Пијастри скокна на третото место, а Фернандо Алонсо се искачи на високата петта позиција, но круната за најдобар индивидуалец останува кај возачот на Ред Бул.




