Илјадници навивачи на Ред Бул и актуелниот шампион Макс Верстапен вчера пристигнаа на Ред Бул Ринг во Шпилберг со една цел – да го бодрат својот миленик во нов поход кон титула. Но, нивните надежи се распаднаа побрзо од очекуваното, и тоа уште во третиот свиок на патеката.
Само неколку секунди по стартот, Верстапен беше жртва на инцидент со младиот Кими Антонели, кој со невешт потег го испрати Холанѓанецот надвор од трката – и можеби надвор од битката за петтата шампионска круна.
Зборувајќи за медиумите после трката, советникот на Ред Бул, Хелмут Марко, ја потврди тмурната вистина:
“Разликата е скоро невозможна за стигнување. Па, ако не се случи нешто навистина неочекувано, мора да претпоставиме дека трката за шампионската титула е завршена”.
Слично размислување има и Кристијан Хорнер, додека самиот Верстапен остана со ладна глава: “Кими дојде после трката да се извини. Мислам дека на секој возач може да му се случи таква грешка. Никој не прави такви работи намерно, па за мене тоа и не е голема работа”.

Верстапен додаде дека веќе извесен период не размислува за шампионатот, а со оглед на доминацијата на Мекларен оваа сезона, тоа е повеќе од разбирливо.
И можеби порано ваквото предвремено завршување на трката и шансите за титула ќе беше примено многу подраматично од страна на Макс, но оваа година тој беше свесен за доминацијата на болидот на Мекларен.
Сега, битката за титула останува кај Мекларен. Шоферите Ландо Норис и Оскар Пијастри од трка во трка водат жестока битка за секој поен, а до крајот на сезоната останува да гледаме двајца шофери кои водат битка во супериорен болид.



