Понекогаш фудбалот едноставно одбива да ги следи законите на логиката, парите и големината. Најдобар доказ за тоа пристигна во неделата попладне на малиот стадион „Валдштадион ан дер Кајзерлинде“, каде што се испиша најновата, можеби и најневеројатната спортска бајка во модерната ера на европскиот фудбал. Малиот клуб Елверсберг со победата од 3:0 над Преусен Минстер го запечати второто место во Втората Бундеслига и избори директен пласман во германската елита.
За да се разбере големината на овој подвиг, доволно е да се погледнат бројките. Елверсберг доаѓа од истоименото гратче Спизен-Елверсберг во регионот Сарланд, каде што живеат едвај 13.000 жители. Тоа го прави официјално најмалото место во историјата кое некогаш имало свој претставник во највисокиот ранг на германскиот фудбал. Нивниот стадион во моментов собира 10.000 навивачи, што значи дека речиси целиот град може да се смести на трибините одеднаш.
Од потсмев на железниците, до последна смеа во елитата
Патот на Елверсберг до фудбалскиот крем не беше ниту лесен, ниту брз. Клубот е основан во далечната 1907 година и помина дури 119 години во пониските лиги, целосно невидлив за пошироката јавност. Како звучи податокот дека до пред само четири години, во сезоната 2021/22, овој тим се натпреваруваше во регионалната четврта лига? Потоа следеше нестварен егзодус: експресна промоција во Третата лига, уште еден итен скок во Втората лига, за да викендов ја заокружат третата промоција во последните пет години.
Минатата сезона клубот доживеа тешко разочарување кога во последната секунда од баражот беше елиминиран од Хајденхајм. Пред тој двомеч, германската железница „Дојче Бан“ јавно се пошегува со нив, објавувајќи фотографија од воз со само еден вагон, алудирајќи дека на Елверсберг не му е потребен поголем превоз за навивачите. Но, фудбалот уште еднаш докажа дека трпението се исплаќа. Една година подоцна, Хајденхајм испаѓа од Бундеслигата, а Елверсберг влегува на негово место.
Трансформација по скршеното срце
Она што го прави овој успех уште поимпресивен е фактот што тимот ја започна оваа сезона комплетно обезглавен. По минатогодишниот неуспех во баражот, долгогодишниот тренер Хорст Стефен замина во Вердер Бремен. Клубот ги загуби клучните играчи – позајмиците на Фисник Аслани и Мухамед Дамар завршија, Робин Фелхауер се пресели во Аугсбург, а во јануари првиот стрелец на лигата, Јунес Ебнуталиб, направи трансфер во Ајнтрахт Франкфурт. А, капа на сè, си замина и спортскиот директор Нилс-Оле Бук.
На кормилото застана 40-годишниот Винсент Вагнер, кој пристигна од вториот тим на Хофенхајм. Со нов систем и со неверојатен тимски дух, тој успеа да ги надмудри далеку побогатите Хановер и Падерборн. Во клучниот натпревар, раните голови на Бамбасе Конте и Давид Моква (кој подоцна постигна уште еден гол) донесоа победа вредна историја.
„Еден мој пријател минатата недела ми рече: ‘Ако Елверсберг влезе во Бундеслигата, тоа ќе биде исто како човештвото да слета на Месечината’. Епа, ние синоќа успешно слетавме на Месечината“, изјави пресреќниот тренер Вагнер по натпреварот додека фановите ја поплавуваа тревата.
Напаѓачот Лука Шнелбахер со солзи во очите призна дека сè уште му изгледа нереално што следната сезона на нивниот скромен стадион, кој итно мора да се реновира за да стигне до капацитет од 15.000 места, ќе гостуваат светски ѕвезди како Хари Кејн. Заедно со големиот Шалке кој заврши како прв, македонските и светските љубители на фудбалот следната сезона 100% ќе навиваат за Елверсберг – живиот доказ дека во спортот приказните сè уште ги пишуваат срцето и соништата, а не само милионите на сметките.



