Она што требаше да биде нов почеток за Далас Маверикс по заминувањето на Лука Дончиќ во Лејкерс, се претвора во вистински дебакл. Ентони Дејвис, кој пристигна во Тексас токму како дел од супер-трејдот за Словенецот минатиот февруари, се соочува со нова неколкунеделна пауза. Овој пат во прашање е оштетување на лигаментите на левата рака заработено на дуелот против Јута.
Според извори на „The Athletic“, повредата е сериозна и во моментов се бара мислење од специјалисти за да се утврди дали ќе биде потребна операција. Дури и ако се избере нехируршки пат, 32-годишниот центар ќе биде надвор од терените подолг период.
Повреда во најлош можен момент
Инцидентот се случи во четвртокот кога Дејвис се обиде да го сопре Лаури Марканен, при што неговата рака настрада во контактот со телото на финскиот кошаркар. Оваа повреда доаѓа во момент кога Далас веќе активно бараше купувач за него на пазарот.
Тимови како Атланта Хокс и Торонто Репторс покажаа интерес, но новата повреда драстично ги намалува шансите Дејвис да биде трејдуван пред крајниот рок на 5 февруари. Со плата од 58,5 милиони долари за следната сезона, неговиот „здравствен картон“ станува преголем товар за многу екипи.
„Стаклениот“ центар и падот на Далас
Откако пристигна во Далас минатиот февруари, Дејвис одигра само 31 натпревар, додека пропушти дури 42. Проблемите со повредите го следат низ целата кариера, а во последните осум сезони, само еднаш успеал да одигра повеќе од 70 натпревари.
Додека навивачите на Далас со тага гледаат како нивниот поранешен миленик Дончиќ доминира во Холивуд, во Тексас останува горчливиот вкус од трејдот кој воопшто не ги донесе очекуваните резултати.



