Тренерот на Челси, Енцо Мареска, жестоко израгира во врска со прекинот на вчерашниот натпревар меѓу неговиот клуб и Бенфика. Имено, на само четири минути пред крајот на регуларниот дел, мечот беше прекинат цели 2 часа, поради временските услови.
“Ова НЕ е фудбал. Ова е седми или осми пат како ја суспендираат играта тука. Ова е комплетен циркуз. Разбирам дека станува збор за безбедносни мерки, но ако го правите тоа 7 или 8 пати, едноставно можеби ова НЕ е вистинското место за да биде домаќин на вакви натпреварувања”, луто изјави Мареска на прес конференцијата.
И покрај победата од 4:1 на неговиот тим, тренерот не беше задоволен од прекинот, а многу тренери изразија загриженост дека ваквите прекини кога фудбалерите долг период чекаат, може да доведат до сериозни повреди кога ќе се вратат да го доиграат натпреварот.
Уште пофрустрирачки за Челси беше што во доигрувањето на тие минути беше досуден пенал за Бенфика, што значеше игра и во дополнителното време.
Преморот на играчите е тема на дебата уште пред почетокот на ова натпреварување, а многумина изразија загриженост дека пренатрупаниот распоред ќе има сериозни последици на перформансите во наредната сезона.