Најлошите можни вести за навивачите на Челси. Најдобриот играч на тимот, Кол Палмер, ќе биде надвор од терените уште најмалку шест недели поради проблемите со препоните, потврди денеска менаџерот Енцо Мареска.
Ова е огромен удар за “сините”, кои се надеваа дека 23-годишниот Англичанец ќе се врати на терените веднаш по репрезентативната пауза. Сепак, реалноста е сосема поинаква, а Мареска ја презеде одговорноста за претходните, преоптимистични најави.
Мареска: “Погрешив, медицинскиот тим не се волшебници”
“Погрешив. За жал, тој ќе мора да биде надвор уште шест недели. Тоа е најновата информација”, изјави Мареска на денешната прес-конференција.
“Се обидуваме да го заштитиме Кол колку што можеме. Најважно е кога ќе се врати, да биде целосно подготвен. За жал, медицинскиот тим не се волшебници. Се надеваме дека шест недели ќе бидат доволни, но ова е проблем што мора да го следиме чекор по чекор”, додаде италијанскиот стратег.
Добрата вест е што, барем засега, не се планира операција.
🚨 @ChelseaFC head coach Enzo Maresca confirms Cole Palmer is expected to be sidelined for six more weeks pic.twitter.com/PHhppZGCqS
— Premier League (@premierleague) October 17, 2025
“Болница” во Челси: Уште седум играчи под знак прашалник
Проблемите за Мареска не завршуваат тука. Покрај Палмер, уште еден клучен дефанзивец, Беноа Бадиашил, ќе биде надвор од терените до декември поради повреда на мускулот.
За утрешниот натпревар против Нотингем Форест, неизвесни се и Моисес Каиседо, Енцо Фернандез и Педро Нето, кои не тренирале со тимот. Леви Колвил е долгорочно повреден, Трево Чалоба е суспендиран, а напаѓачот Лиам Делап сè уште закрепнува.
Единствената позитивна вест е враќањето на капитенот Рис Џејмс, кој е целосно подготвен за настап.
Кои натпревари ќе ги пропушти Палмер?
Ако прогнозите се остварат, Кол Палмер ќе пропушти најмалку десет клучни натпревари, вклучувајќи ги дерби-дуелите во Премиер лигата против Тотенхем и Арсенал, како и натпреварите од Лигата на шампионите против Ајакс, Карабах и Барселона.
Ова е огромен удар за амбициите на Челси и голем предизвик за Енцо Мареска, кој призна: “Немаме друг играч како Кол. Тој е уникатен”.



