Она што до пред неколку месеци изгледаше како затворена приказна, сега повторно е главна тема во англискиот фудбал. И покрај одличната сезона во Шпанија каде забележа 14 голови и 11 асистенции на патот кон титулата во Ла Лига, Маркус Рашфорд нема да остане во Барселона.
Финансиските ограничувања и променетите приоритети ги спречија Каталонците да ја активираат откупната клаузула од 30 милиони евра пред истекот на рокот во понеделникот. Тоа значи дека 28-годишниот напаѓач, кој моментално ги брани боите на Англија на Светското првенство, наскоро ќе мора да ги спакува куферите и да се пријави на летните подготовки со Манчестер Јунајтед.

Керик нуди подадена рака, но управата е децидна
Евентуалното враќање на Рашфорд во првиот тим би било незамисливо под водство на поранешниот менаџер Рубен Аморим, кој иницираше негово заминување. Но, актуелниот стратег Мајкл Керик има сосема поинаков пристап. Керик и Рашфорд добро се познаваат – три години делеа иста соблекувална, а потоа соработуваа и додека Керик беше дел од стручниот штаб. Менаџерот неодамна дипломатски истакна дека „сака да го извлече најдоброто од сите играчи кои ги има на располагање“, оставајќи ја вратата подотворена.
Сепак, желбите на тренерот се судираат со клупската политика. Раководството на „Црвените ѓаволи“, предводено од Сер Џим Ретклиф, Џејсон Вилкокс и Омар Берада, е обединето во ставот дека продажбата е неопходна. Ретклиф претходно дури и јавно изјави дека промената на средината е најдоброто нешто за кариерата на Маркус.
Финансиски товар кој ги кочи новите засилувања
Главната пречка за негово задржување на „Олд Трафорд“ е астрономскиот договор. Со пласманот на Јунајтед во Лигата на шампионите, неделната плата на Рашфорд останува на вртоглави 325.000 фунти. Според строгите правила на УЕФА за трошење на тимот, клубот мора да генерира над 26 милиони фунти приход само за да го покрие неговиот годишен трошок.
Ослободувањето од овој финансиски товар е приоритет за Јунајтед, особено ако се земат предвид плановите за нови засилувања. Клубот веќе сериозно работи на доведување на Крисенсио Сумервил од Вест Хем, а се следи и Луис Хол од Њукасл. Доколку се донесе нов лев бек, младиот Патрик Доргу трајно би се префрлил на левата крилна позиција, со што буквално нема да остане место за Рашфорд во стартниот состав.
Реприза на „случајот Санчо“?
Пазарот во моментов молчи. Иако Јунајтед постави ослободителна клаузула од 40 милиони фунти (за сите клубови освен за Сити и Ливерпул), заинтересираните страни тактизираат бидејќи знаат дека Барселона имаше опција за само 26 милиони фунти.
Самиот фудбалер има јасен став – доколку мора да остане во Англија, сака да ги одработи последните две години од договорот со Јунајтед наместо да се пресели во друг премиерлигаш. Поради ова, експертите предвидуваат сценарио кое веќе го видовме со Џејдон Санчо минатото лето. Рашфорд најверојатно ќе се приклучи на тимот, ќе ги помине подготовките, можеби ќе одигра и некој натпревар во август, сè додека Јунајтед во последните денови од преодниот рок не најде купувач кој ќе ги задоволи сите страни.



