Мерцедес е „газда“ во новата ера: Расел на пол-позиција, дебакл за Верстапен во Мелбурн!

 

Објавено:

Формула 1 шампионатот за 2026 година започна со јасна порака од Бракли – Мерцедес повторно го има најбрзиот болид. Џорџ Расел стигна до првата пол-позиција во сезоната, оставајќи ги сите конкуренти далеку зад себе, во сесија обележана со инциденти и грешки на фаворитите.

Расел недопирлив, Антонели низ драма до втората позиција

Џорџ Расел го потврди одличниот ритам од тренинзите и со време од 1:18.518 доминираше во Q3 сесијата. Тој беше за скоро три десетинки побрз од својот тимски колега, младиот Кими Антонели, кој имаше квалификации за паметење, но не само поради брзината.

Антонели за малку ќе ги пропуштеше квалификациите по тешкиот судар во тренингот, но механичарите успеаја да го оспособат болидот. Сепак, неговиот настап сега е под истрага. Во Q3, италијанскиот тинејџер излезе од боксот со заборавени вентилатори за ладење на страничните делови. Еден од нив падна на патеката, по што Ландо Норис налета на него, предизвикувајќи црвено знаме и оштетување на Мекларенот. Доколку Антонели биде казнет за „небезбедно пуштање на патеката“, Мерцедес би можел да го изгуби првиот стартен ред.

Шок за Макс Верстапен: Крај уште во Q1!

Најголемото изненадување на денот беше актуелниот шампион Макс Верстапен. Неговиот Ред Бул имаше дефект при кочењето во првиот свиок уште во К1 сесијата, по што Макс излета и го заврши својот настап без поставено време. Ова значи дека Верстапен ќе мора да стартува од самото дно во недела, што ветува негова луда потера низ поредокот.

Исак Хаџар им пркоси на гигантите

Во дебитантскиот викенд за главниот тим на Ред Бул, Исак Хаџар заврши како „најдобар од останатите“ на третото место. Тој беше предводник на тесната група во која Шарл Леклер (Ферари), Оскар Пијастри (Мекларен) и Луис Хамилтон (Ферари) беа поредени во помалку од две десетинки. Доколку Антонели добие казна, Хаџар ќе ја има честа да стартува од првиот ред покрај Расел.

Разочарување за Астон Мартин и деби за Кадилак

Астон Мартин и Хонда имаа кошмарен почеток. Фернандо Алонсо беше елиминиран уште во Q1, додека Ланс Строл воопшто не излезе поради проблеми со моторот. Слична судбина имаше и Карлос Саинц во Вилијамс, кој исто така остана во гаражата. Новиот тим на гридот, Кадилак, дебитираше прилично скромно. Серхио Перез и Валтери Ботас завршија при дното, со заостанување од над три секунди зад водечките.


Резултати од квалификациите (Топ 10):

  1. Џорџ Расел (Мерцедес) – 1:18.518
  2. Кими Антонели (Мерцедес) +0.293
  3. Исак Хаџар (Ред Бул) +0.785
  4. Шарл Леклер (Ферари) +0.809
  5. Оскар Пијастри (Мекларен) +0.862
  6. Ландо Норис (Мекларен) +0.957
  7. Луис Хамилтон (Ферари) +0.960
  8. Лијам Лосон (Расинг Булс) +1.476
  9. Арвид Линдблад (Расинг Булс) +2.729
  10. Габриел Бортолето (Ауди) (без време во К3)

    Следете нè: Facebook | Instagram
 

Можеби ќе те интересира...

Тим Спортска Станица
Тим Спортска Станицаhttps://sportstation.mk
Официјалниот профил на уредничкиот тим на SportStation.mk.

Поврзано

 
 

Тазе објавено