Дејвид Бекам и Интер Мајами се на прагот да му донесат уште еден клучен соиграч и голем пријател на Лионел Меси. Според најпознатиот новинар за фудбалски трансфери, Фабрицио Романо, американскиот клуб е во напредна фаза на преговори за ангажман на аргентинскиот репрезентативец, Родриго де Пол, од Атлетико Мадрид.
Овој трансфер, како што вели Романо, е “апсолутно во игра”, а зделката е сè поблиску до реализација.
“Телохранителот” на Меси пристигнува во Мајами
Она што го прави овој трансфер особено интересен е добро познатата врска помеѓу Меси и Де Пол. Играчот од средниот ред на Атлетико Мадрид важи за неофицијален “телохранител” на Меси во репрезентацијата на Аргентина – секогаш прв да го заштити на теренот и да му го чува грбот. Идејата за нивно повторно обединување, овојпат на клупско ниво, ги воодушеви навивачите ширум светот.
Според информациите, 31-годишниот Де Пол веќе се согласил на трансфер во Мајами, а сега останува двата клуба да ја договорат отштетата. ESPN и Mundo Deportivo пренесуваат дека Атлетико бара околу 17 милиони долари, сума која е прифатлива за американскиот тим, особено ако се земе предвид дека договорот на Де Пол истекува за 12 месеци, по што тој би можел да замине бесплатно.
Симеоне не сака да се откаже од својот “мотор”
Сепак, не се сите среќни со овој потенцијален трансфер. Тренерот на Атлетико Мадрид, Диего Симеоне, се противи на заминувањето на еден од неговите клучни играчи во средниот ред. Но и покрај противењето на тренерот, се чини дека клубот е подготвен да го продаде играчот за да оствари заработка. Единствената техничка пречка за Интер Мајами е што ќе мора да ослободи едно место за “Designated Player” (играч со висока плата), но се очекува тоа да се реши.
Со доаѓањето на неговиот верен “телохранител”, тимот на Интер Мајами станува уште посилен и скроен целосно по мерка на Лионел Меси.