Брера ќе го дочека Арсими во Струмица со големи очекувања и желба за нови три бода. Тимот предводен од млади и полетни фудбалери верува дека може да ја искористи предноста на домашниот терен и да стигне до победа. Искусниот Миле Тодоров вели дека квалитетот на Брера е доволен за да се дојде до целта и дека тимот има доволна енергија за да се наметне на теренот.
Тодоров истакна дека Арсими има солиден состав и заслужува почит, но увери дека Брера размислува само за позитивен исход.
“Имаме млад и полетен тим, фудбалери кои имаат желба за докажување и можеби во одредени моменти ни недостасува тоа искуство неопходно за освојување бодови. Но, тоа се стекнува со настапи и со нови предизвици, а сега го пречекуваме Арсими пред нашата публика. Искрено, размислуваме за трите бода, затоа што веруваме во сопствените квалитети. Противникот има добар состав, максимално ги респектираме, но нашата цел е да ги освоиме трите бода. Ако одиграме тимски и ги исполниме задачите на стручниот штаб, верувам и дека на крајот ќе славиме”, истакна Тодоров, кој ова лето ја засили Брера од редовите на Работнички.
Арсими во Струмица пристигнува по тежок пораз од Вардар, кој предизвика разочарување кај навивачите. Играчот за врска Џемил Јахији истакна дека тимот сака да им се извини на фановите и да покаже многу подобро издание. Тој нагласи дека сите фудбалери се максимално мотивирани и дека против Брера ќе играат со единствена цел – позитивен резултат.
Јахији додаде дека тимот ќе се бори до последен момент и дека поразот од Вардар мора да биде заборавен. Арсими сака што побрзо да се врати на победнички патеки и верува дека може да се врати дома со три бода.
Натпреварот се игра денеска на стадионот „Благој Истатов“ во Струмица, со почеток во 15:30 часот.



