Утре, од 18:00 часот, Националната Арена „Тодор Проески“ ќе биде домаќин на последниот домашен натпревар на македонската фудбалска репрезентација за оваа година. Во Скопје гостува Летонија, во дуел кој е многу повеќе од обичен пријателски меч, ова е генерална проба пред „финалето“ во Кардиф.
Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) реши да ги отвори вратите ширум, влезот е БЕСПЛАТЕН за сите навивачи, како благодарност за поддршката низ целиот квалификациски циклус.
Милевски: Нема калкулации, сакам да ја видам пошироката слика
Иако мислите се веќе насочени кон клучниот дуел со Велс за пласман во баражот за СП, селекторот Благоја Милевски најавува дека нема да има штедење.
„Нема потреба да калкулираме, имаме доволно време за одмор до Велс. Ќе испробаме нови тактички опции и ќе ја провериме физичката состојба на играчите. Летонија е квалитетна, а победата е секогаш во нашите мисли. На овој меч сакам да ја видам и пошироката слика на Македонија, мораме да размислуваме и за иднината“, изјави Милевски.
Костадинов и Трајковски: Победнички менталитет пред Кардиф
Репрезентативците се свесни за важноста на моментот. Тихомир Костадинов и Александар Трајковски се согласни, победа против Летонија е најдобрата увертира за она што следи.
„Без разлика што е пријателски, ние сакаме да победиме. Ова е одлична проверка пред најважниот натпревар во годината“, вели Костадинов, додека Трајковски додава: „Не треба да се потценува ниту еден противник. Летонија е вистински тест за подобрување на одредени сегменти во нашата игра“.
Традицијата е на наша страна
Историјата вели дека Летонија е „муштерија“ на Македонија. Ова е шести меѓусебен дуел, а во претходните пет имаме пет победи! На последните три средби, нашата мрежа остана недопрена, додека ние постигнавме шест гола.
За денешниот меч, надвор од комбинација поради повреди се Јани Атанасов и Висар Муслиу.
Следете нè: Facebook | Instagram | X



