Откако прашината од тактичкото реми (0:0) со Летонија се спушти, селекторот Благоја Милевски јасно стави до знаење дека освен резултатот, сѐ друго од неговиот план било исполнето. Но, една работа посебно „боде очи“, состојбата на теренот на нашиот национален стадион.
„Сè што си поставивме како цел за овој натпревар, освен победата, беше исполнето. Сакав да видам како ќе изгледа екипата во нова формација и со нови задачи. Од таа перспектива сум задоволен“, изјави Милевски по натпреварот.
Меѓутоа, селекторот не го премолче проблемот кој веќе станува хроничен.
„Жал ми е што условите за игра не беа подобри. Се надевам дека наскоро ќе се направат напори да играме на поквалитетен терен, за да бидеме поефикасни во завршницата“, потенцираше тој.
Став на редакцијата: Ваква „нива“ не е достојна за оваа репрезентација!
Ние во Спортска Станица целосно се согласуваме со изјавата на селекторот. Затоа, ја користиме оваа прилика да упатиме јавен апел до Министерството за Спорт, до ФФМ, и до АД за изградба и стопанисување со станбен и деловен простор.
Крајно време е да се најде трајно решение за овој проблем кој нè мачи со децении, практично од реновирањето во 2011 година. Срамно е репрезентација која играла на Европско првенство и која се бори за пласман на Мундијал, да игра на терен кој повеќе наликува на ораница отколку на фудбалски храм.
Но, за ова детално ќе пишуваме во иднина. Сега, сите мисли и позитивна енергија мора да ги насочиме кон Кардиф!
Стојчевски и Костадинов: „Жалиме за победата, но одиме по три бода во Велс!“
Репрезентативците се свесни дека недостасуваше завршницата.
„Има разочараност што не победивме. Теренот беше ист за двете селекции, но ни фалеше гол. Одиме во Велс да покажеме што знаеме и дека ништо не е случајно“, изјави дефанзивецот Андреј Стојчевски.
Тихомир Костадинов, кој ја имаше една од најдобрите шанси, додаде: „Позитивно е што имаме нула во дефанзива. Во Велс ќе биде уште поагресивно, но знаеме за што играме“.
Следна станица: Кардиф, 18 ноември. Денот Д!
Следете нè: Facebook | Instagram | X



