Македонија повторно пред предизвик, можеби оној најголемиот во квалификациите за Светското првенство. Утревечер, во белгискиот Гент, нашиот национален тим ќе се соочи со најголемиот фаворит во групата, селекцијата на Белгија. Но, оваа генерација одамна покажа дека не патува за да се предаде.
Селекторот Благоја Милевски зборуваше со мирен тон, но со силна порака: гордост, верба и решителност.
“Можам да кажам дека сум горд на моите фудбалери и тоа не само во овие квалификации, туку и во сите изминати години”, рече Милевски.
“Со настапот во Лигата на нации, со овој циклус, со речиси загарантиран плејоф… тие веќе направија многу. Тоа е нашата енергија, тоа е нашата сила”.
Македонија во Гент пристигна како првопласирана селекција во групата, а тој факт не е случајност. Тимот на Милевски создаде идентитет на борбен, дисциплиниран и исполнет со верба тим, кој постојано докажува дека ништо не е невозможно.
“Белгија има неверојатен ростер, тие се фаворити и тоа никој не го спори”, продолжи селекторот. “Но ние продолжуваме да сонуваме. Нè очекуваат решавачки натпревари и ќе сториме сè за да ја оствариме нашата цел. Имаме прекрасни момци кои секогаш го даваат максимумот и секогаш се тука за Македонија.“
Македонскиот табор повторно ја носи енергијата што ги дефинираше низ сите историски ноќи досега. Утревечер против Белгија, тие ќе испишат нова страница, нова можност за сон кој не престанува.