Мира Андреева ја преслуша Костјук за своето прво грен слем финале на Ролан Гарос!

 

Објавено:

Деветнаесетгодишната руска тенисерка Мира Андреева се пласираше во своето прво големо грен слем финале во кариерата, откако на Ролан Гарос доминантно ја совлада Марта Костјук од Украина со 6-1, 6-3 за нецели 80 минути. Андреева покажа неверојатна зрелост на теренот и максимално ја искористи нервозната верзија на својата четири години постара противничка. Руската тинејџерка, која на тениската сцена експлодираше уште на 15-годишна возраст, во ниту еден момент не го тргна стопалото од педелата за гас и рутински обезбеди билет за историскиот меч за трофејот.

Кошмарен почеток и крај на страшната серија на Украинката

Овој пораз е исклучително болен за 23-годишната Костјук, која влезе во ова полуфинале во страшна животна форма, со нереална серија од 17 победи по ред и без претрпен пораз повеќе од два месеци. Таа претходно играше тенис на кариерата, елиминирајќи ја четирикратната шампионка Ига Швјонтек во осминафиналето, а потоа и својата сонародничка Елина Свитолина. Иако Костјук ја победи Андреева на Мастерсот во Мадрид во април и поради моменталната форма важеше за благ фаворит, денешниот дуел за неа започна како вистински одбранбен колапс. Украинката направи две двојни сервисни грешки уште во првиот гем, а целиот прв сет го заврши со дури 17 неизнудени грешки во само седум одиграни гема.

Андреева исто така покажа почетна нервоза и се соочи со 0-40 на својот прв сервис гем, но брзо се стабилизираше благодарение на трите последователни грешки на противничката. Откако го спаси тој гем, младата Русинка целосно ја презеде контролата врз играта и наметна темпо кое Костјук едноставно не можеше да го следи.

Лекција од минатото и ладна глава под затворениот покрив

Во вториот сет, при резултат 1-4 за Андреева, започнаа да паѓаат првите капки дожд, по што организаторите донесоа одлука да го затворат покривот над теренот „Филип Шатрие“. Таа пауза и промена на амбиентот ја кренаа публиката која гласно ја бодреше Костјук, па Украинката успеа да направи брејк, да го намали водството и комплетно да ги разбуди трибините кои го скандираа нејзиното име.

За Андреева ова беше најопасниот момент на мечот, со оглед на тоа што минатата година токму во слична бучна атмосфера под затворен покрив го загуби мечот против домашната тенисерка Лоис Боасон. Сепак, овојпат младата тенисерка покажа дека брзо учи од грешките и остана со сосем ладна глава. Таа веднаш возврати со рибрејк, по што со сигурен сервис го затвори натпреварот откако последниот форхенд на Костјук заврши во аут. Со оваа победа Андреева стана највисокорангираниот преостанат носител (број 8) во Париз и ќе ја има улогата на фаворит во големото финале.

Следете нè: Facebook | Instagram | X

 

Можеби ќе те интересира...

Тим Спортска Станица
Тим Спортска Станицаhttps://sportstation.mk
Официјалниот профил на уредничкиот тим на SportStation.mk.

Поврзано

 
 

Тазе објавено