Поранешниот белгиски репрезентативец и култен напаѓач на Ливерпул, Дивок Ориги, официјално објави крај на својата фудбалска кариера на само 31 година. Преку емотивна порака на социјалните мрежи, тој порача дека неговото фудбалско патување на теренот е завршено и дека е подготвен за нов животен повик.
„Мојата цел во играта е исполнета. Ги остварив моите детски соништа да играм на најголемите сцени и да ги освојам најголемите трофеи. Му благодарам на Бог за сето тоа,“ напиша Ориги на Инстаграм. „Мисијата е комплетирана. Сега чекорам кон мојата следна професија. Има уште многу од патувањето пред мене.“
Кариера испишана со бесмртни моменти
Ориги, кој своите фудбалски почетоци ги имаше во белгиски Генк и француски Лил, ја доживеа својата најголема слава на „Енфилд“. Во дресот на Ливерпул (од 2015 до 2022 година), под водство на Јирген Клоп, тој прерасна во ултимативен играч за големи натпревари и миленик на навивачите.
Неговиот статус на клупска легенда беше запечатен во 2019 година. Во епскиот пресврт против Барселона (4:0) во полуфиналето на Лигата на шампионите, Ориги постигна два клучни гола, а потоа во финалето против Тотенхем го постави конечниот резултат (2:0) за освојување на европската круна. Со „Црвените“ ја освои и Премиер лигата (2020 година), ФА Купот, Лига Купот, УЕФА Суперкупот и Светското клупско првенство.
Во текот на својата клупска кариера, тој забележа вкупно 371 настап (70 голови и 28 асистенции), бранејќи ги боите и на Волфсбург, Милан и Нотингем Форест. За белгиската репрезентација одигра 32 натпревари (3 гола) и беше дел од Светското првенство во 2014 година.
Не заборавајќи ги своите корени, Ориги истакна: „Беше вистинска радост да ја претставувам Белгија, мојата нација, додека истовремено ја носев Кенија, моите корени, во срцето. Благодарност до секој клуб, до тренерите, соиграчите, навивачите низ светот, и секако, до моето семејство без кое немаше да бидам тоа што сум денес.“
Фудбалот заменет со високата мода
Наместо да остане во фудбалот како тренер или стручен аналитичар, Ориги прави радикален пресврт и целосно се посветува на својата втора голема страст – модата. Заедно со неговиот деловен партнер Марвин Вилем Офори, тој ја развива агенцијата „DLF“.
„Имам нови цели и други работи во животот на кои сакам да им се посветам со истата страст со која го играв фудбалот сите овие години,“ објаснува тој. „Целосно сум посветен на модата како занает. Веќе вложувам огромна енергија за да се стекнам со знаење за историјата и модната индустрија. Планирам да студирам на највисоко ниво и се надевам дека ќе имам можност да учам од некои од најдобрите светски дизајнери.“



