Од Лига 1 во заборав, па во Вардар: Кој е Ворен Чимбембе?

Објавено:

Вардар продолжува да го составува тимот за новата сезона, а најновото име кое пристигна во “црвено-црниот” табор е вистинска енигма и потенцијален “џекпот”. Дресот на најтрофејниот македонски клуб ќе го носи 27-годишниот Ворен Кристофер Пол-Роже Чимбембе.

Станува збор за играч со импресивно CV. Роден во Франција, Чимбембе зад себе има сериозно искуство од најсилните француски лиги – 24 натпревари во елитната Лига 1 во дресот на Мец, како и 41 натпревар во Лига 2, каде што настапувал за Троја и Гингамп. Покрај тоа, има и кратка авантура во шпанската втора лига и три настапи за репрезентацијата на Конго, што дополнително говори за неговиот квалитет.

Најголемиот доказ за неговиот потенцијал е трансферот во сезоната 2020/2021, кога Мец за неговите услуги му плати на клубот Троја еден милион евра – сума која е сериозна и за многу посилни лиги од нашата. Тој е играч кој главно игра во срцето на средниот ред, но одлично се снаоѓа и по десната крилна позиција, што му дава дополнителна вредност на стручниот штаб на Гоце Седлоски.

Извор: https://letsgometz.com/

Сепак, кариерата на Чимбембе во последните две години доживеа голем пех. Тој цела мината сезона (24/25) беше без клуб, а во претходната (23/24) одигра само пет натпревари за еден тим во ниските француски лиги.

Овој ангажман претставува голем предизвик, но и огромна шанса. Вардар добива играч кој поседува неспорен талент и искуство од највисоко ниво, но кој е надвор од натпреварувачки ритам.

Чимбембе веќе им се приклучи на новите соиграчи на подготовките во Словенија, а сега останува најголемиот тест – дали Вардар ќе успее да го врати во живот заспаниот талент и да го врати на патеките на старата слава? Ако успеат во тоа, „црвено-црните“ ќе добијат играч каков што ретко се гледа на македонските терени.

Можеби ќе те интересира...

Поврзано

Тазе објавено