Броевите на дресовите одамна не се само бројки. Денес, секој фудбалер е и свој мини бренд, со свој мал универзум на социјалните мрежи, со лого, фризура и препознатлива гестикулација после гол. Но, еден број секогаш бил повеќе од број – десетката.
Од Пеле и Марадона, преку Зидан, Роналдињо, Модриќ и, секако, Меси, дресот со број 10 е симбол на нешто што оди подлабоко од маркетингот. Тоа е бројот на визионерите, на оние кои го гледаат фудбалот пред сите други.

Од улиците на Сао Паоло до “YouTube” каналите на денешницата
Никогаш порано личниот имиџ не бил толку важен. Денешните ѕвезди не сакаат само да играат, тие сакаат да останат запаметени. Кол Палмер и Џамал Мусиала ова лето ги оставија старите броеви за да ја облечат “десетката”. Во Мадрид Килијан Мбапе го наследи бројот од Лука Модриќ, а во Барселона, новиот феномен Ламин Јамал ја продолжи линијата на легендите на клубот како Марадона, Роналдињо и Меси.
Според маркетинг експертите, бројот 10 е повеќе од престиж. Тој е изјава: “Јас сум тој. Јас сум играчот низ кого минува сè”.

Фудбалската тежина на “десетката”
Новото засилување на Манчестер Јунајтед, Матеус Куња, го опиша најдобро: “Ова не е само број. Ова е сон што го носиш на грбот“.
Токму така. Во Јужна Америка, “десетката” е речиси светост. Пеле ја направи икона, Марадона ја направи легенда, а Меси ја претвори во идеал.
Во Европа, бројот ја менуваше својата улога – од класичен плејмејкер зад напаѓачот, до “лажна деветка” или креативен крилен напаѓач, но сепак симболиката остана иста: тоа е бројот на човекот кој го контролира фудбалот.
Од Роналдињо до Меси, од Меси до Јамал
Кога во 2008 година десетката во Барселона му беше предадена од Роналдињо на Лео Меси, тоа не беше само промена на некој број на дресот. Беше предавање на факел. Истото се обиде да го направи и Ансу Фати, но тежината на бројот беше преголема.
Сега, Ламин Јамал изгледа како да е следниот природен наследник. Тој веќе е шампион на Европа и прв креатор на Барса со само 17 години.
Зошто “десетката” никогаш нема да ја изгуби магијата
И да, во време на статистики, алгоритми и спонзорски хаштагови, некои нешта сè уште се прашање на срце. Бројот 10 не носи само обврска, туку и нешто што не може да се измери: влијание.
Тоа е бројот на оние кои не само што победуваат, туку го менуваат начинот на кој го гледаме фудбалот и оставаат трага во историјата на спортот.
Од Марадона до Меси, од Меси до Јамал – бројот 10 е повеќе од број.
Тоа е симбол на магијата во фудбалот.
Следете нè: Facebook | Instagram | X



