11.8 C
Skopje

Митревски со 13 одбрани, Хенигман и Манасков со по 8 гола: Пелистер ѝ покажа заби на Барселона!

Објавено:

- Advertisement -
- Advertisement -

Еурофарм Пелистер го доживеа и четвртиот пораз во низа во Лигата на шампионите, но вечерва, пред преполните трибини во Битола, “зелено-белите” покажаа заби и пружија херојски отпор против најголемиот светски ракометен гигант, Барселона. Иако на крајот гостите славеа со 30:34, впечатокот е дека Пелистер одигра еден од своите најдобри натпревари оваа сезона.

Извор: Barça Handbol {https://x.com/FCBhandbol}

Дваесет минути сон, па пад по кој немаше враќање

Предводени од неверојатната поддршка на околу 3.000 гледачи, пелистерци го започнаа натпреварот без никаков респект. Во првите дваесетина минути, тие беа целосно рамноправен противник на моќната Барса. Играта беше гол за гол, одбраната функционираше одлично, а Никола Митревски уште на стартот најави дека ова ќе биде негова вечер.

Во 16-тата минута, Пелистер дури имаше и водство од 9:8. Но, тогаш следуваше “црната дупка”. Со серија од 7:1, искусните гости, предводени од Дика Мем и Домен Макуц, ја презедоа контролата, се одлепија на 10:15 и на полувреме заминаа со сигурна предност од 13:17.

Митревски спречи катастрофа, Хенигман и Манасков незапирливи

Во второто полувреме, Барселона рутински ја одржуваше предноста, која во еден момент достигна и +7. Но, за разлика од претходните натпревари, Пелистер не се предаде. Никола Митревски блескаше на голот и со вкупно 13 одбрани, од кои неколку беа зицери “еден на еден”, спречи уште поубедлив пораз.

Во нападот, брилијантна партија одиграа Ник Хенигман и Дејан Манасков. Словенецот беше незапирлив и постигна 8 гола, додека Манасков имаше перфектен учинок, 8 гола од 8 обиди (3 од пенал).

На крајот, поразот е тука, но останува впечатокот дека Пелистер, со ваква игра и со ваква поддршка, има на што да се надева во продолжението од сезоната. Следниот предизвик е гостувањето кај Магдебург на 23 октомври.

Можеби ќе те интересира...

Поврзано

Тазе објавено