Белградска Арена е позната како еден од најтешките терени за гостување во Европа, но вечерва Виртус Болоња покажа дека има лек за „црно-белиот“ пекол. Италијанскиот тим славеше убедлива победа над Партизан со 68-86, нанесувајќи му на домаќинот болен пораз кој дополнително ги оддалечува од горниот дел на табелата.
Иако Партизан имаше свои моменти и во еден период изгледаше дека го контролира ритамот, серијата грешки и падот на концентрацијата во клучните моменти беа сурово казнети од расположените гости.

Од „плус 8“ до целосен колапс
Натпреварот започна изедначено, но Виртус прв ја презеде иницијативата благодарение на неверојатниот Карсен Едвардс, кој уште во првата четвртина постигна 10 поени за водство од 19-24. Партизан одговори фуриозно на почетокот на вториот период. Со серија од 9-1 и неколку „монструозни“ забивања на Бруно Фернандо, домаќините стигнаа до најубедливите 37-30.
Но, тогаш се случи клучниот момент. Наместо да ја зголемат предноста, кошаркарите на Партизан почнаа да нижат грешки. Виртус го затвори полувремето со серија од 0-10, искористувајќи ги дури 10-те изгубени топки на домаќинот за само 20 минути, и на пауза замина со предност од 37-40.
Моментумот од крајот на првиот дел целосно се префрли во третиот период. Нападот на Партизан едноставно „зариба“, а гостите од Болоња ја зголемуваа предноста до 52-63 пред влезот во последната четвртина. Секоја надеж за пресврт згасна на самиот старт на четвртиот период кога Виртус Болоња направи нова серија од 0-7, по што натпреварот влезе во рутинска завршница.
За Виртус ова беше трета по ред победа на гостински терен против Партизан во Белград, со што тимот се искачи на скор 8-8. Од друга страна, Партизан падна на 6-10 и ќе мора итно да бара излез од кризата ако сака да остане во трка за плеј-оф позициите.



