Гостински пост на Дејан Михајловиќ
Вал Гардена, сместена во срцето на италијанските Доломити, е вистински рај за љубителите на активниот туризам во летниот период. За време на нашата посета, фокусот беше ставен на три дена исполнети со адреналински возења на планински велосипеди, додека останатите денови беа посветени на порелаксирани планинарења со спектакуларни глетки. Сепак, она што навистина остави силен впечаток беше МТБ аспектот на одморот.
МТБ рај со 140 жичари и бројни патеки
Сместени во Селва ди Вал Гардена, нашата авантура започна со купување на “Summer Pass” – билет кој за 180 евра овозможува неограничен пристап до околу 140 жичари во период од 5 дена низ целиот регион. Со оглед на тоа дека дневната карта чини 65 евра, оваа карта е идеален избор за повеќедневни активности.
Првите два дена ги поминавме со стандардни full-suspension велосипеди, совршени за технички спустови, но со поголем напор при нагорните делници. Последниот ден одлучивме да изнајмиме електрични велосипеди за полесно и поефективно движење низ регионот и вело-парковите. Првиот ден ја извозевме познатата “Sellaronda” вело-тура, а останатите два ги одвоивме за посета на околните вело-паркови. “Sellaronda” турата ја извозевме во насока на стрелките на часовникот, завршувајќи ја за околу 6-7 часа со кратки паузи за уживање во неверојатните погледи и традиционалните алпски колиби. Турата може да се вози и во спротивна насока, нудејќи малку поинакви погледи кон околните планински масиви.
“Sellaronda Bike Tour” е една од најреномираните МТБ рути во Европа. Тоа е кружна тура околу масивот Села, долга околу 60 километри и ги опфаќа премините Гардена, Камполоњо, Пордои и Села. Разновидноста на терените, од “flow” патеки до технички карпести делници, овозможува одлично искуство за сите типови возачи.
View this post on Instagram
Вториот ден го посетивме “Dantercepies Bike Park”, кој е дел од познатата “Trail Arena Val Gardena”. Располага со две главни “flow” патеки, “Cir Giara” и “Cir Tiera”, долги околу 1,5–1,6 км, со висинска разлика од приближно 140–180 м. Овие патеки се идеални за сите нивоа на возачи – почетници, семејства, но и искусни велосипедисти кои бараат динамични, одлично одржувани патеки со благ наклон, бројни свиоци и мали скокови.
View this post on Instagram
Истиот ден го посетивме и “Sassolungo Bike Park” (Piz Seteur), кој нуди неколку патеки со средна тежина, меѓу кои најпознати се “Family Line” (3,5 км), “Easy Jump Trail” (2,2 км) и “Paravis Trail” (2,8 км). Тие се погодни за широка публика – од семејства до ентузијасти кои уживаат во поголема брзина и возбудливи скокови, сето тоа пропратено со прекрасниот поглед кон величествениот масив Сасолунго. Патеките се добро обележани и лесно пристапни со жичарите “Piz Seteur” и “Gran Paradiso”.
Покрај парковите Дантерсепис и Сасолунго, Вал Гардена изобилува со уште бројни МТБ патеки за различно ниво на подготвеност. Со мрежа од преку 600 км патеки, Вал Гардена нуди комплетно искуство за планински велосипедизам.
View this post on Instagram
View this post on Instagram
Планинарење: Мирна пауза во спектакуларна природа
По трите дена полни со адреналин, следеше опуштање со планинарски прошетки. Првиот ден ја избравме познатата планинарска тура “Seceda”. Од Ортисеи со жичара стигнавме до почетокот на патеката, која прво водеше преку фасцинантната карпеста формација Пјералонџија до планинарскиот ресторан “Firenze” (Regensburgerhütte). Потоа продолживме низ спектакуларниот гребен “Mastlè” и платформата “UNESCO Panoramabalkon”, пред да се вратиме до жичарата низ живописните долини.
Вториот ден го поминавме на “Alpe di Siusi”, најголемата висорамнина во Европа, позната по живописните ливади, алпските колиби и панорамските погледи.
Македонија – неискористен потенцијал за МТБ туризам
Искуството од Вал Гардена неизбежно нè поттикнува на размислување за нашата Македонија и огромниот потенцијал кој го има за развој на планински велосипедизам. Засега, главен урбан центар е Водно, со една “flow” патека и една патека за нагорно возење (uphill). Но, потенцијалот е многу поголем. Со постојната жичара може лесно да се изградат уште неколку патеки од врвот до Средно Водно.
Потребна е визија и поддршка од Град Скопје, како и од велосипедската заедница. Асоцијацијата на аматерски планински велосипедизам вложува напори, но потребни се системска поддршка, инфраструктура и финансиски средства.
Дополнително, Македонските предели располагаат со голем потенцијал за планински велосипедизам – не дека нема каде да се вози, туку недостасуваат наменски патеки и совршено искористување на жичарниците.
На пример: “Bike Park Smolevo” во близина на Битола има една “downhill” патека, популарна меѓу локалните возачи, но нема жичарница за лесен пристап и е заснована врз природен релјеф. На Пелистер, во рамки на националниот парк, редовно се организираат настани како “Pelister Downhill Cup”, но не постои официјален “bike park” кој ќе биде достапен со постоечката жичница.
View this post on Instagram
Повик за акција – Планирана граѓанска иницијатива за развој на МТБ во Македонија
Во блиска иднина се планира организирање на граѓанска иницијатива која ќе има за цел официјално да побара поддршка од локалните власти и релевантните институции за изградба на нови, наменски МТБ патеки ширум Македонија, кои ќе бидат лесно достапни со помош на жичари.
Развојот на планинскиот велосипедизам ќе придонесе не само за зголемена физичка активност и спортска култура, туку и за значајни економски придобивки преку привлекување домашни и странски туристи. Можеме да создадеме нови работни места, да поттикнеме мали бизниси и да ја позиционираме Македонија како атрактивна дестинација за активен туризам.
Македонија има огромен потенцијал – не само на Водно, туку и на Попова Шапка, Маврово, Пелистер, Кожуф, Галичица и останатите планини. Потребна е организирана, заедничка акција и соработка со институциите.
Да ги создадеме наменските МТБ патеки кои ќе ги поврзат нашите планини со иднината на овој атрактивен спорт!
Погледнете ја фотогалеријата од МТБ патувањето на @dejan_mihajlovik



