Претстојното Светско првенство во Северна Америка, кое започнува на 11 јуни во Мексико Сити, би можело да се претвори во вистинска борба за преживување. Според најновата научна студија на меѓународната истражувачка група „World Weather Attribution (WWA)“, фудбалерите и стотиците илјади навивачи се соочуваат со сериозен ризик од „тешки здравствени компликации предизвикани од екстремни горештини и влажност“.
Научниците предупредуваат дека ФИФА сè уште заостанува зад останатите светски спортски организации кога се во прашање протоколите за заштита при екстремни временски услови.

Што е „WBGT“ индекс и зошто обичната температура лаже?
Во нивниот обемен извештај од 52 страници, експертите нагласуваат дека ризикот не треба да се проценува само според термометарот. Клучниот фактор е т.н. WBGT индекс (Wet Bulb Global Temperature) – мерка која ги комбинира температурата, влажноста на воздухот, брзината на ветерот и директното сончево зрачење.
„Ден со 30 степени во суви и ветровити услови е сосема поинаков од 30 степени со висока влажност и силно сонце. Високата влажност го спречува испарувањето на потта, со што се блокира примарниот механизам на телото за ладење. Кога WBGT индексот надминува 26 степени, перформансите на играчите паѓаат, а над 28 степени состојбата станува опасно загрижувачка и опасна по живот“, објаснува д-р Крис Мулингтон од Империјал колеџот во Лондон.
Според анализите, дури 26 од вкупно 104 натпревари на овој Мундијал ќе се играат во услови каде WBGT индексот ќе надмине 26 степени, а најмалку пет меча ќе се одиграат во екстремна зона над 28 степени.
Кои стадиони се „критични“ зони?
Највисок ризик од екстремни горештини има во Далас, Хјустон и Атланта. Добрата вест за играчите е што овие три стадиони имаат покриви и модерни системи за климатизација. Сепак, вистинската опасност демне надвор од нив, во фан-зоните и фестивалите каде навивачите ќе поминат часови на сонце. Студијата издвојува 10 натпревари во Тексас кои имаат огромни шанси (1-на-3) да ја поминат критичната граница од 28 степени WBGT, вклучувајќи го и дербито меѓу Англија и Хрватска во Далас на 17 јуни.
Дополнително, стадионите во Канзас Сити, Мајами и Њујорк/Њу Џерси се оценети како „високоризични“ бидејќи се од отворен тип и немаат разладни системи за трибините и теренот. Навивачите се сметаат за најранлива категорија поради конзумацијата на алкохол (кој води до дехидрација), повозрасната граница и несвесноста за опасностите од топлотен удар.

Мерките на ФИФА: Задолжителни паузи и климатизирани клупи
По жестоките критики минатото лето за време на Светското клупско првенство, каде шест меча беа прекинати поради невреме и ненормални горештини, ФИФА под притисок на синдикатот на фудбалери (FIFPro) воведе одредени промени.
Светската куќа на фудбалот ги потврди следните мерки за заштита:
- Задолжителни триминутни „паузи за ладење“ во секое полувреме.
- Климатизирани клупи за резервните играчи и стручниот штаб на сите отворени стадиони.
- На навивачите ќе им биде дозволено да внесат по една фабрички затворена шише вода, а околу стадионите ќе бидат поставени системи за разладување со пареа, медицински автобуси и зони со сенки.
И покрај ова, FIFPro и понатаму бара ФИФА јасно да каже при која вредност (се предложува над 28 степени WBGT) натпреварите ќе бидат комплетно одложени, со оглед на тоа што досегашниот историски лимит на ФИФА изнесуваше превисоки 32 степени.



