Вистински кошаркарски празник имаа можност да проследат љубителите на играта под обрачите во СЦ „Јане Сандански“. Во рамките на 17. коло од МТЕЛ Супер лигата, актуелниот шампион МЗТ Скопје Аеродром го совлада битолски Пелистер со 87:73, крунисувајќи ја на најдобар можен начин прославата за својот 60-годишен јубилеј.
Овој натпревар означи почеток на серијата настани со кои клубот ќе го одбележи своето шестдецениско постоење. Натпреварот беше збогатен со специјална кореографија од верните навивачи, а на полувремето следуваше емотивен момент кога на паркетот се појавија бројни легенди, поранешни тренери, играчи и функционери кои оставиле неизбришлива трага во историјата на „сино-белото“ семејство.
Меѓу присутните кои беа поздравени со силен аплауз се најдоа тренерските имиња како Александар Књазев, Митко Луковски и Александар Јончевски, како и кошаркарските великани Ѓорѓи Чековски, Огнен Стојановски и Димче Гаштарски.
Израмнето прво полувреме, шампионска завршница
Што се однесува до случувањата на паркетот, дербито апсолутно го оправда епитетот. Двете екипи кои атакуваат на највисок пласман одиграа максимално изедначено во првите 20 минути. На големиот одмор се замина со минимална предност за домаќинот од 42:41.
Третата четвртина донесе неизвесност, откако Пелистер во еден момент стигна до највисоки „плус 6“ (53:47), но избраниците на Васко Атанасов брзо реагираа, израмнувајќи на 60:60, за да во последната делница влезат со предност од 63:60.
Токму во решавачките десет минути, „штрковите“ покажаа зошто се актуелни шампиони. Со фуриозна серија од 8-3 за помалку од три минути, МЗТ се одлепи на 71:63, кршејќи го отпорот на битолчани и најавувајќи го почетокот на славјето на трибините. Последниот период скопјани го добија со убедливи 24:13 за конечни 87:73.
МекКејден доминираше, Вилсон недоволен за Пелистер
Најдобар поединец во победничкиот табор беше Елајџа МекКејден кој одигра феноменална партија, завршувајќи со 23 поени, 9 скока и 6 асистенции. Одлична поддршка имаше од Мајкл Смит-Мексвејн со 16 поени (перфектни 5/5 за два поени), Колин Гил со 15 и младиот Марин Петков кој додаде 13 поени.
Во редовите на Пелистер, најефикасен беше Лукас Вилсон со 17 поени и 7 скока, додека Бобан Стајиќ забележа 14 поени, 6 скока и 6 асистенции. Двоцифрени кај гостите беа уште и Никола Малешевиќ (12 поени и дури 10 скока) и Дејвис со 11 поени.
Оваа победа претставува силна порака од МЗТ Скопје Аеродром дека гладта за трофеи и понатаму е иста и дека клубот е подготвен да ја брани шампионската круна.



