Еуфоријата од големиот бод освоен во Белгија мора брзо да се заборави, бидејќи веќе утре (понеделник, 20:45 часот) македонската репрезентација ја очекува нов, можеби уште поважен предизвик. На Националната арена “Тодор Проески”, го пречекуваме Казахстан во натпревар кој мора да се добие, ако сакаме да го задржиме првото место во групата и да го продолжиме сонот за Светското првенство.
Во пресрет на дуелот, селекторот Благоја Милевски и еден од хероите од Гент, Столе Димитриевски, ги споделија своите очекувања.
Милевски предупредува: “Казахстан покажа дека е квалитетен ривал”
Селекторот Благоја Милевски ја спушта топката на земја и предупредува дека не смее да има никакво опуштање.
“Ќе биде многу тешко. Казахстан на првиот меч во Астана покажа дека има квалитет. Сега има и нов селектор и нова филозофија, но ние сме подготвени”, изјави Милевски, додавајќи дека физичката подготвеност на играчите, и покрај тешкиот меч со Белгија, не е проблем.
Херојот од Гент, Столе Димитриевски: “Со помош на публиката до три бода!”
Голманот Столе Димитриевски, кој имаше спектакуларна партија против Белгија, е дециден дека целта е само една – победа.
“Нашата цел е јасна, да излеземе на терен и да победиме. Очекувам голема поддршка од навивачите, се надевам дека ќе бидат во што поголем број на стадионот за да ни дадат дополнителна сила”, изјави Димитриевски.
Повик до нацијата: ФФМ ги отвора вратите за најмладите, да го наполниме Градски!
Дека поддршката од трибините ќе биде клучна, свесни се и во Фудбалската федерација на Македонија. Оттаму, тие излегоа со прекрасен гест: влезот на источната трибина ќе биде бесплатен за сите млади фудбалери од детските лиги и фудбалските школи, како и за сите ученици од основните училишта.
Затоа, ја користиме оваа прилика да ги повикаме сите родители, сите тренери, сите наставници, донесете ги децата на стадион! Исполнете ја источната трибина до последното место и дајте им можност од прва рака да видат што значи спортот. Да видат сплотеност, да почувствуваат заедништво и да научат како се сака својата земја, не преку зборови, туку преку чиста емоција и поддршка за оние кои го носат националниот дрес. Ова е лекција која не се учи во училница.
Ова е уште еден мотив плус, покрај нашиот повик до нацијата, стадионот да биде исполнет до последно место.
Каде да се купат билети?
Покрај онлајн продажбата, од ФФМ информираат дека на денот на натпреварот, билети ќе можат да се купат и на билетарата на Националната арена “Тодор Проески”.
На крајот, сè е јасно. Репрезентативците се подготвени, мотивирани и знаат што сакаат.
Сите на стадион! За Македонија!