Вардар и Силекс денес во 17:00 часот на Градскиот стадион во Скопје ќе го одиграат дуелот за првото место на табелата во Првата македонска фудбалска лига. Со овој меч се затвора и 11-то коло на лигата, па двата тима кои досега покажаа одлична игра и се најдоа заслужено на врвот на табелата, ќе приредат вистински спектакл за љубителите на фудбалот со меѓусебната пресметка.
Во пресрет на мечот за ФФМ изјава даде и Вардаровецот Филип Најдовски, кој после неколку месеци отсуство од терените се врати во тимот.
“По долга пауза на секој играч му е потребно време за да се врати во колосек што се вели и да ја достигне потребната форма. Така и јас. Долго време без надвор од теренот, но со напорна работа и тренинзи секако дека може да се дојде до тоа. Јас во ниту еден момент не се сомневав во мојот кам бек. Благодарност до сите кои што работеа со мене во текот на сите овие месеци”, вели Најдовски.
За тешкиот дуел кој го имаа против актуелниот шампион Шкендија во Тетово, тој изјави: “Клучна беше тактиката која беше одлично поставена од страна на стручниот штаб. Играта на сите момци кои настапија на овој меч. Заслужено победивме на тој меч”.
Но, она што сега е важно за Вардар и фудбалерите е насочување на фокусот кон денешниот дуел и борбата со клубот од Кратово.
“Ние веруваме во нашата способност да одиме на победа на секој меч. Тоа значи и за овој против Силекс. Респект за противникот, одлично ја стартуваше сезоната, но ова е Вардар. Ние, сите кои што сме дел од клубот во моментов мора да ни е јасно дека овој тим на секој меч мора да оди на победа и дека титулите и пехарите овдека мора да се константа. Победата ќе ни го остави првото место на табелата во наши раце, нешто што е примарна цел секако”, додаде стоперот на Вардар.
Тренерот на гостите, Александар Васоски, изјави дека после одличниот настап и двете победи по ред над Тиквеш и Пелистер, денес очекува да продолжи позитивната серија на Силекс.
“Ние на овој натпревар влегуваме во позитивна серија, исто и Вардар, и очекувам да биде интересен и квалитетен натпревар. Се враќа старото дерби, двата тима сега се во борба за врвот. Добро се познаваме меѓусебно. И Силекс и Вардар имаат квалитет, и заслужено се во горниот дел на табелата. Очекуваме тежок натпревар, во кој мораме да се надминеме себе си за позитивен резултат. Психолошки и физички сме подготвени за овој предизвик, и сметам дека ако бидеме на нивото и ако имаме добар ден, можеме да го изненадиме Вардар”, вели тренерот на Силекс.


