Текст на Горан Талевски
Навивачката култура во Македонија отсекогаш била посебен дел од спортската сцена. Иако Балканот е регион каде што дерби натпреварите имаат огромна тежина и традиција, Македонија има своја специфична приказна. Трибините кај нас не се само декор или дополнителна атмосфера, тие се идентитет, став и континуитет кој се пренесува со генерации. Во оваа земја љубовта кон клубовите не е маркетинг, туку животна емоција која навивачите ја носат, без разлика на успеси или падови.
Фудбалот и ракометот се двата најистакнати спортови преку кои ова се гледа. Тие имаат создадено ривалства што можеме да ги споредиме по големина со најдраматичните балкански дербија. Во Македонија постојат градови, навивачки групи и клубови кои не само што ја креирале сопствената препознатлива спортска енергија, туку низ годините успеале да изградат еден посебен, автентичен код на поддршка, слика и стил.
Овој текст е токму за нив, за оние кои со години, со неисцрпен глас, со верност, непрестајна љубов и свој препознатлив начин го одржуваат духот на македонскиот спорт. За клубовите кои го носат тој печат и ривалствата кои не можеш лесно да ги објасниш на некој кој не израснал во оваа атмосфера. И таму, повеќе од 40 години, живее најголемото спортско навивачко ривалство – Битола против Скопје, Пелистер против Вардар, Чкембари против Комити. Тоа ривалство не е само спортска приказна, тоа е историја, генерациска енергија, тоа е нешто што го раскажуваат и дедовци и татковци на новите генерации.
Клубови со корени, вредности и традиција
Ракометниот клуб Пелистер е формиран во 1955 година и уште во југословенската лига важеше за клуб што игра борбено, тврдo, со битолски карактер. Тој клуб е основата од која во 1985 година се создава првата организирана навивачка група во Македонија – Чкембарите. Подоцна тие стануваат симбол и на фудбалскиот Пелистер, клуб кој во независна Македонија освои два Купа, но и извадил многу македонски репрезентативци. Ќе остане запаметен со европските настапи, кога во Интертото Купот гостуваше дури и шпанската Селта Виго – натпревар кој за македонската фудбалска сцена беше гордост, самодоверба и доказ дека и македонските клубови можат да донесат големи европски имиња.
Во Скопје, пак, фудбалскиот клуб Вардар уште во времето на Југославија беше огромен бренд. Во 1987 година на сцената се појавуваат Комитите – кои стануваат составен дел од клубот, негов идентитет, негово лице и дел од градот.
По осамостојувањето на Македонија, Вардар беше неприкосновен во фудбалската лига и купот. Во 2017 година стигнаа и до најголемото европско фудбалско достигнување во историјата на македонскиот клубски фудбал – групна фаза во УЕФА Европа Лигата со спектакли против Реал Сосиедад, Зенит, Розенборг.
Исто така, претходно со долг список на европски противници како Рома, Фенербахче, Гент, Шалке, ЦСКА, Спарта, Копенхаген и други.
Ерата на Самсоненко – златната бајката на европскиот Вардар
Ракометниот клуб Вардар од секогаш претставувал силен македонски тим. Во Скопје, Комитите ја претворија „Јане Сандански“ во европска тврдина, која ретко кој ја „освоил“. И не само таму – пред тоа „Расадник“ и „Кале“ беа кошмари за гостинските клубови. Но, времето кое навивачите ќе го паметат засекогаш е ерата на Самсоненко. Тоа е период во кој Македонија ја доживеа најголемата приказна во својата ракометна историја. Двојна европска титула во Лигата на шампионите (2017 и 2019). И не само тоа, туку целиот европски ракомет зборуваше за Комитите, за атмосферата во „Јане Сандански“, за боите, песните, кореографиите. Тоа беше вредност која ја препозна цела Европа.
„Пеколот“ во Битола – „Кој не играл во Битола не знае што е ракомет“
Салата „Младост“ (денешна „Боро Чурлевски“) е место што за ЕХФ веќе одамна е легенда. Во времињата кога Пелистер ја градел својата европска приказна, салата се полнеше неколку часа пред да започне мечот. Екипи доаѓаа, паѓаа и носеа приказни дома. Се паметат натпреварите со Лемго, натпревар за кој нема кој не чул за тоа како „рипна паркето“. Ќе се памети Челинџ Купот со преполни трибини и над 7000 навивачи, ќе се паметат победите над ПСЖ, Килкис, Фредеризберг и финалето против Скјерн. Пелистер беше и остана симбол на македонскиот ракомет во Европа уште од 80тите.
Убавата и неубавата страна на ривалството
Македонското дерби е најубавото спортско искуство кое го има оваа држава. Тоа се денови кога цела Битола и цело Скопје дишат само за тоа дерби. Песна, боја, маршеви, собирање на традиционалните места „Кај бутките“ и „кај Жабарот“. Тоа е тоа е вистинското. Тоа е страста. Тоа е љубовта. Тоа е она што треба да се негува, бидејќи не може да се раскаже – треба да се доживее.
Но, за жал постои и темна страна што никој не може да ја игнорира. Инциденти, тепачки, каменувања, уништени сали и стадиони, каменувани автобуси. Тој дел од историјата е срам за македонскиот спорт. Тоа е пример како ривалството може да си ја изгуби суштината, кога од спорт преминува во насилство. Навивањето треба да остане страст, љубов, песна, идентитет. Да се мерат во песна, глас, енергија, кореографија – не во насилство, омраза и камења.
Македонското спортско ривалство е нешто што нè постави на мапа во Европа.
А ние тоа треба да го дигнеме на уште едно повисоко ниво.
Да биде ривалство на трибина, спортско со чест, гордост и идентитет. Да биде пример за ривалство на трибини и заедништво надвор од нив.
Да победуваат Вардар, Пелистер и Македонија.
И следната генерација на деца да расте со истата љубов, но со многу повеќе зрелост.
Напред Вардар!!!
Напред Пелистер!!!
Напред Македонија!!!



