Кога седнувате да гледате натпревар од Премиер лигата, очекувате 90 минути возбуда, борба и магија. Но, дали некогаш сте се запрашале колку од тие 90 (а сега и 100) минути, вие всушност гледате фудбал?
Според најновата анализа на “Opta”, оваа сезона сме сведоци на еден парадоксален тренд: натпреварите траат подолго од било кога, но времето во кое топката е во игра драстично се намалува. Едноставно кажано, гледаме фудбал, а добиваме, одолговлекување.
Математиката зад “кражбата”: 45 минути фудбал, 63 минути пауза
Бројките се загрижувачки. Просечен натпревар во Премиер лигата оваа сезона трае 100 минути и 36 секунди. Од тоа, топката е во игра само 55 минути, или 54.7% од вкупното време. Ова е најнискиот процент во последните десет години.
Остатокот, односно цели 45 минути и 35 секунди, се трошат на паузи: корнери, аути, слободни удари, гол-аути, ВАР-проверки и расправии со судијата.
Најекстремен пример е дербито Њукасл – Ливерпул, кое траеше неверојатни 109 минути и 24 секунди. Од тоа, топката беше во игра само 45 минути и 55 секунди. Тоа значи дека цели 63 минути и 29 секунди, публиката не гледала апсолутно ништо!
Кој најмногу “краде” време?
Анализата на “Opta” открива и кои се тимовите кои најмногу го “убиваат” времето:
- Најспори корнери: Сандерленд (просечно 50 секунди по корнер).
- Најспори аути: Брентфорд (просечно 18 секунди по аут, поради долгите уфрлања).
- Најспори гол-аути: Сандерленд (просечно 37 секунди по гол-аут).
- Најбрзи тимови: Најбрзо играта ја враќаат во тек Вулверхемптон, Манчестер Сити и Ливерпул.
Дали е време за стопирање на часовникот?
Овие бројки ја отворија старата дебата, дали фудбалот треба да го следи примерот на кошарката и ракометот и да воведе ефективно време на игра (на пример, 2×30 минути)?
Поддржувачите велат дека со тоа ќе се стави крај на одолговлекувањето и симулациите. Противниците, пак, се плашат дека тоа ќе го уништи ритамот на играта и ќе отвори простор за уште повеќе реклами.
На крајот, едно е сигурно: како што стојат работите, навивачите добиваат сè помалку фудбал за своите пари. А тоа, на долг рок, е најголемата опасност за спортот.
Целата анализа можете да ја прочитате на “The Analyst (Opta)”.