Кошаркарите на Сан Антонио Спарс експресно одговорија на притисокот и ја израмнија финалната серија во Западната конференција на 2-2. На домашен терен во Тексас, Спарс одиграа перфектен дефанзивен натпревар и целосно ги неутрализираа Оклахома Сити Тандер, славејќи убедлива победа со 103-82 во четвртиот натпревар од серијата.
Централна фигура на паркетот беше францускиот феномен Виктор Вембањама, кој ја презеде целата одговорност по поразот во претходниот дуел и одигра на монструозно ниво на двата краја од теренот.
Вембањама ја сфати мисијата лично, Тандер „заклучени“ под 20% за три поени
Послабата партија во третиот натпревар очигледно беше силен мотив за 224-сантиметри високиот кошаркар. Вембањама го заврши дуелот со 33 поени, 8 скокови, 5 асистенции и 3 блокирани шутеви, доминирајќи во рекетот од првата до последната минута.
„Сите имаме високи стандарди, свесен сум за мојата одговорност и подготвен сум за неа. Вечерва беше многу подобро, иако не и перфектно. Како организација, мораме да правиме работи кои бараат екстра напор ако сакаме да стигнеме до целта“, изјави Вембањама по големиот триумф.
Клучот за убедливиот триумф на Спарс сепак лежеше во дефанзивната тактика. Сан Антонио направи одлични ротации на надворешните позиции и ги остави Тандер на само 33% шут од игра. Особено импресивен беше притисокот на линијата за три поени, каде Оклахома Сити погоди само 6 тројки од 33 обиди (очајни 18%).
Урагански старт и тотален колапс на Оклахома во првото полувреме
Спарс ја започнаа средбата со фуриозна серија од 16-0, со која брзо стигнаа до предност од 23-8 уште во првата четвртина. За разлика од претходниот натпревар, избраниците на Грег Попович овојпат во ниту еден момент не го испуштија водството. Колку тимски функционираше Сан Антонио на стартот говори фактот што сите 10 погодоци од игра во воведниот квартал беа постигнати по асистенција.
Оклахома Сити беше ограничена на само 38 поени во првото полувреме, што е нивен втор најслаб ефект во последните четири години. Првата ѕвезда на гостите, Шаи Гилџус-Александер, застана на 19 поени со слаб шут од игра (6/15).
Кај победниците, одличен придонес имаше плејмејкерот Де’Арон Фокс кој забележа дабл-дабл со 12 поени, 10 скокови и 5 асистенции, додека Стефон Касл и Девин Васел додадоа по 13 поени. Клупата на Спарс исто така заврши огромна работа постигнувајќи 30 поени, за разлика од претходниот меч кога комплетно потфрли.
Серијата сега се сели на теренот на Оклахома Сити, каде в вторник навечер се игра клучниот петти натпревар, пред финалниот караван повторно да се врати во Сан Антонио за шестата пресметка во четврток.



