НБА го одобри продажбениот договор со кој Марк Волтер стана нов мнозински сопственик на Лос Анџелес Лејкерс. Волтер, извршен директор на “Guggenheim Partners” и сопственик на бејзбол клубот ЛА Додџерс, од сега контролира две од најголемите спортски франшизи во градот на ангелите.
Волтер веќе поседуваше 27% од акциите на Лејкерс, купени во 2021 година, а во јуни оваа година постигна договор со семејството Бас за преземање на контролниот пакет, проценет на рекордни 10 милијарди долари. Тоа е највисока вредност за спортски клуб во САД, поголема и од последната проценка на Бостон Селтикс (6.1 милијарда).
Со ова, завршува речиси петдецениското владеење на семејството Бас кое започна во 1979 година, кога легендарниот Џери Бас го купи клубот за само 67.5 милиони долари. Џини Бас ќе остане гувернер на тимот во следните пет години и ќе задржи 15% удел.
Овој потег означува нова ера за Лејкерс и премин од семејна традиција кон корпоративна структура, под водство на еден од најбогатите луѓе во американскиот спорт.

Во меѓувреме, љубителите на Лејкерс очекуваат ново враќање и на паркетот. Лука Дончиќ би можел да се појави во составот во вечерва, кога започнуваат натпреварите од НБА Купот.
Словенецот пропушти три меча поради повреда на прстот и ногата, а клубот денес го промени неговиот статус на “под знак прашалник”. Без него, Лејкерс имаат скор 2-1, но со него и нов сопственик, во ЛА повторно се чувствува нов почеток.



