Завршницата на Емирати НБА Купот 2025 доби сензационални полуфинални двојки, откако синоќа Оклахома Сити Тандер продолжи со својата доминација, додека Сан Антонио Спарс приредија едно од најголемите изненадувања во турнирот.
Тандер рутински го декласираа Феникс Санс со убедливи 138-89, обезбедувајќи си место во полуфиналето. Но, нивниот противник ќе биде неочекуваниот Сан Антонио Спарс, кој и без суперѕвездата Виктор Вембањама, успеа да ги шокира Лос Анџелес Лејкерс со 132-119.
Другата полуфинална двојка е Њујорк Никс против Орландо Меџик, а победниците се среќаваат во финалето во Лас Вегас на 16 декември.
Тандер израмни историски НБА рекорд (Оклахома Сити 138-89 Феникс Санс)
Екипата на Оклахома Сити Тандер влегува во Лас Вегас како апсолутен фаворит, откако го здроби Феникс Санс и го израмни најдобриот старт во 25 мечеви на сезона во историјата на НБА (24-1), постигнат од Голден Стејт Вориорс во сезоната 2015/16.
Тандер, кои се бранители на титулата во НБА лигата, ја остварија својата 16-та последователна победа (клупски рекорд) со неверојатни 49 поени разлика.
Воден од МВП кандидатот Шаи Гилџус-Александер, кој постигна 28 поени (негов 96-ти последователен меч со 20+ поени), Тандер ја контролираше играта од почеток до крај, погодувајќи 22 тројки. Чет Холмгрен исто така придонесе со 24 поени и 8 скокови.
Санс го одиграа својот најслаб натпревар во сезоната, постигнувајќи најмал број поени и доживувајќи најтежок пораз во историјата на клубот. Тие играа без Девин Букер, а лошата вечер беше запечатена со исклучувањето на Грејсон Ален поради флагрантен фаул врз Холмгрен.
„Се држиме до високи стандарди и најважно е секоја вечер да бидеме подобри“, изјави Гилџус-Александер, потврдувајќи дека тимот цели кон двојна титула – НБА Куп и НБА финале.
Шок во ЛА: Спарс ги срушија Лејкерс без Вембањама (Лејкерс 119-132 Спурс)
Најголемото изненадување на ноќта се случи во Лос Анџелес, каде Сан Антонио Спарс ги совладаа Лејкерс со 132-119, и тоа без својот француски феномен Виктор Вембањама.
Спарси, кои иако без Вембањама (кој го пропушти 12-ти натпревар по ред), играат сè подобро, ги предводеше Стефон Кастл со 30 поени и 10 скокови. Де’Арон Фокс додаде 20 поени, а вкупно седум играчи на Сан Антонио постигнаа двоцифрен број на поени.
Лејкерс, и покрај 35-те поени на нивниот предводник Лука Дочиќ и 19-те поени на Леброн Џејмс, не успеаја да го следат брзото темпо на Спарси. Лејкерс се мачеа со офанзивниот скок и не успеаја да ја запрат агресивната игра на гостите, кои погодија 29 од 36 слободни фрлања.
Спарс сега имаат шанса да го продолжат своето изненадувачко патување во полуфиналето против фаворитот Оклахома Сити Тандер.



