Новата рунда во НБА плејофот започна со доминација на домашните екипи. Оклахома Сити Тандер продолжија со перфектниот скор во постсезоната, додека Детроит Пистонс славеа во емотивен дуел против Кливленд, прекинувајќи децениски негативен рекорд.
Оклахома и со „половина тим“ е пресилна за Лејкерс
Оклахома Сити Тандер поведоа со 1-0 во полуфиналето на Западот по убедливата победа над Лос Анџелес Лејкерс од 108-90. Иако бранителите на титулата настапија без Ол-стар играчот Џејлен Вилијамс, тие успеаја да ја запишат петтата последователна победа во овој плејоф.
Чет Холмгрен беше незапирлив со „дабл-дабл“ учинок од 24 поени и 12 скока, додека Шеј Гилџус-Александер додаде 18 поени и 6 асистенции. Лејкерси, кои веќе еден месец играат без својот прв стрелец Лука Дончиќ, не најдоа решение за агресивната одбрана на домаќинот. Леброн Џејмс го предводеше својот тим со 27 поени, но тоа не беше доволно да се спречи поразот од разиграните Тандер.
Детроит Пистонс конечно го најдоа лекот за Кливленд
Во Источната конференција, Детроит Пистонс славеа над Кливленд Кавалирс со 111-101, што е нивна прва плејоф победа над овој ривал по цели 19 години. Со овој триумф, Пистонс ја прекинаа низата од 12 последователни порази во пресметките со Кавс во доигравањето, рекорд кој датираше уште од 2007 година.
Победничкиот состав го предводеа Кејд Канингем со 23 поени и 7 асистенции и Тобијас Харис кој додаде 20 поени. Кај Кливленд, Донован Мичел постигна 23 поени, со што ја прекина својата рекордна низа од девет последователни плејоф премиери со постигнати над 30 поени. Џејмс Харден додаде 22 поени, но и 7 изгубени топки, кои на крајот се покажаа како пресудни за поразот на неговиот тим.



