НБА преглед: Денвер ја бомбардира Јута, Кливленд се врати во ритам, ОКС непоразен дома

Објавено:

Денвер Нагетс – Јута Џез 135:112

Во Денвер вечерта започна пред да започне натпреварот. Нагетс отворија со неверојатна серија од 19:0 и уште во првите минути јасно ставија до знаење во која насока ќе се движи мечот. До крајот, тоа се претвори во шутерска демонстрација и израмнување на клупскиот рекорд со 24 погодени тројки.

Џамал Мареј беше прв стрелец со 27 поени, додека Никола Јокиќ одигра уште еден од оние „тивки“ трипл-дабл натпревари со 14 поени, 13 скока и 13 асистенции, и целосна контрола на темпото. Тим Хардавеј Џуниор донесе енергија од клупата со 21 поен и шест тројки, а Денвер изгледаше како тим што точно знае што прави.

Кај Јута, Лаури Марканен се обиде да држи чекор со 27 поени, но Џез никогаш не успеаја целосно да се вратат од раниот шок.

Кливленд Кавалирс – Шарлот Хорнетс 139:132

По три порази во низа, Кливленд одговори онака како што се очекува од екипа со амбиции. Донован Мичел постигна 30 поени, а Гарланд и Де’Андре Хантер додадоа по 27 во меч во кој нападот на Кавалирс функционираше речиси совршено.

Кливленд шутираше со импресивни проценти и постигна по 70 поени во двете полувремиња, враќајќи ја самодовербата пред домашната публика. Кај Шарлот, Ламело Бол повторно беше моторот на екипата, но овојпат тоа не беше доволно.

Оклахома Сити Тандер – Мемфис Гризлис 119:103

Оклахома Сити останува совршен дома. Шај Гилџес-Александер уште еднаш покажа зошто е еден од најконзистентните играчи во лигата, со 31 поен, 10 скока и осум асистенции во победа што никогаш не беше доведена во прашање.

Тандер ја вратија стабилноста по редок период на осцилации, додека Мемфис продолжува да бара континуитет без вистински одговор во завршниците.

Њу Орлеанс Пеликанс – Далас Маверикс 119:113

Њу Орлеанс продолжува да победува, а уште еднаш клучот беше клупата. Зајон Вилијамсон донесе сила и енергија со 24 поени и девет скока, а Пеликанс целосно го скршија Далас со доминантна последна четвртина.

И покрај 35 поени и 17 скока од Ентони Дејвис, Маверикс немаа одговор кога ритамот се засили, а Пеликанс ја продолжија најдолгата победничка серија во последните речиси две години.

Детроит Пистонс – Портланд Трејл Блејзерс 110:102

Детроит продолжува тивко, но сигурно да гради форма. Џејлен Дурен беше доминантен во рекетот со 26 поени и 10 скока, а Пистонс издржаа и покрај испуштената голема предност во третата четвртина.

Портланд се обиде да се врати преку Шејдон Шарп, но во финишот Детроит покажа зрелост и ја затвори победата.

Бостон Селтикс – Индијана Пејсерс 103:95

Бостон уште еднаш докажа дека знае да преживее и кога не оди по план. Селтикс се вратија од минус 20 и целосно ја исклучија Индијана во второто полувреме, дозволувајќи само 13 поени во последната четвртина.

Џејлен Браун беше лидер со 31 поен, а Бостон повторно испрати порака дека длабочината и дисциплината се нивно најсилно оружје.

Голден Стејт Вориорс – Орландо Меџик 120:97

Голден Стејт го реши натпреварот со еден брутален налет кој целосно го скрши Орландо. Стеф Кари постигна 26 поени, а серијата 19:2 на преминот меѓу третата и четвртата четвртина ја запечати победата.

Вориорс изгледаа фокусирано и стабилно, додека Меџик платија цена за падот во концентрацијата.

Можеби ќе те интересира...

Поврзано

Тазе објавено