НБА преглед: Детроит ја израмни историјата, Минесота го преживеа враќањето на Кари

Објавено:

Детроит Пистонс – Атланта Хокс 142:115

Во Детроит не победи еден човек, туку цел тим. Пистонс одиграа натпревар што ќе влезе во аналите на лигата, со неверојатна рамнотежа во нападот и колектив што функционираше како часовник. Седум играчи со двоцифрен број поени, дури дванаесет со најмалку седум, бројки што ја израмнија НБА историјата со Бакс од 2018/19 и Спарс од 2021/22.

Ајзеја Стјуарт беше најефикасен со 17 поени, додека Кејд Канингем ја водеше играта со 15 поени и седум асистенции. Кај Атланта, Џејлен Џонсон продолжи да пишува сопствена приказна со трет последователен трипл-дабл, но овојпат тоа не беше доволно за да се сопре колективниот налет на Детроит.

Чикаго Булс – Шарлот Хорнетс 129:126

Булс конечно здивнаа. По серија порази, Чикаго покажа карактер во Шарлот, бришејќи двоцифрена негатива во второто полувреме. Џош Гиди диригираше со 26 поени и 11 асистенции, а Коби Вајт беше мирната рака во финишот, реализирајќи ги слободните фрлања што ја затворија победата.

Натпреварот имаше драматичен крај, со поништена лична грешка по видео-преглед и пропуштена шанса за израмнување од Кон Кнепел, кој одигра натпревар на кариерата со 33 поени за Хорнетс.

Кливленд Кавалерс – Вашингтон Визардс 130:126

Ова беше вечерта на Донован Мичел. Кога Кливленд тонеа и изгледаа изгубено, тој ја презеде целата тежина на натпреварот и ја претвори во лична демонстрација. 48 поени, од кои 24 во последната четвртина, и серија одлучувачки кошеви во моментите кога Визардс веќе ја чувствуваа победата.

Кливленд се врати од минус 15 во последниот период, а Мичел не само што погодуваше, туку и се бореше за секој посед, симболично крунисано со клучна одбрана и завршница што го скрши отпорот на домашниот тим.

Филаделфија 76ерс – Индијана Пејсерс 115:105

Џоел Ембид потсети зошто е МВП. По долг период на проблеми и ограничувања, камерунскиот центар одигра натпревар што мирисаше на старите денови. 39 поени, доминација во рекетот и клучни кошеви во серијата 13:2 со која Филаделфија го сврте натпреварот.

Без Макси, 76ерс најдоа стабилност преку Ембиид и Пол Џорџ, додека Индијана повторно плати данок за слаб финиш и промашени отворени шутеви во клучен момент.

Јута Џез – Мемфис Гризлис 130:126

Во вечерта на враќањето на Џа Морант, сцената ја украде Кијонте Џорџ. Со рекордни 39 поени и ладнокрвна завршница, младиот бек на Јута го замолкна Мемфис. Двата клучни коша во последната минута и сигурните слободни фрлања ја запечатија победата на Џез.

Морант се врати со 21 поен и 10 асистенции, но Мемфис немаше одговор за инспирираниот Џорџ во завршницата.

Далас Маверикс – Бруклин Нетс 119:111

Далас повторно покажа знаци на стабилност. Ентони Дејвис ја презеде одговорноста во второто полувреме, додека Купер Флег одигра зрел натпревар со 22 поени и осум асистенции. Маверикс продолжуваат да градат форма и самодоверба, нешто што до пред неколку недели изгледаше далечно.

Кај Бруклин, Мајкл Портер Џуниор беше единствената константа со 34 поени, но Нетс немаа доволно ширина за да издржат до крај.

Минесота Тимбервулвс – Голден Стејт Вориорс 127:120

Стеф Кари се врати и веднаш уфрли 39 поени, но Минесота ја издржа бурата. Без Ентони Едвардс, Тимбервулвс се потпреја на колектив и на клучната тројка на Донте ДиВинченцо на 28 секунди до крајот.

Руди Гобер доминираше под кошевите, Џулиус Рендл беше константа, а Минесота уште еднаш покажа дека минатогодишниот плејоф успех не бил случајност.

Можеби ќе те интересира...

Поврзано

Тазе објавено