Кевин Дјурант одигра зрел и комплетен натпревар против својот поранешен клуб, а Хјустон Рокетс продолжија со победничката серија во ноќта зад нас во НБА лигата.
Хјустон Рокетс – Бруклин Нетс (120:96)
Во „Барклејс Центар“, Дурант постигна 22 поени, додаде пет скока и сезонски рекордни 11 асистенции, додека Амен Томпсон беше најефикасен со 23 поени во убедливата победа на Рокетс, која беше четврта по ред.
Алперен Шенгун се врати по кратка пауза и придонесе со 20 поени, шест скока и шест асистенции, а Хјустон првпат по седум години славеше на гостување кај Бруклин. Кај Нетс, Кам Томас постигна 21 поен.
Мајами Хит – Детроит Пистонс (118:112)
Норман Пауел одигра еден од најдобрите натпревари во сезоната со 36 поени, а Бем Адебајо додаде 15 поени и 14 скока во четвртата последователна победа на Мајами.
Иако Детроит се доближи на само два поени во финишот, искуството на Хит пресуди. Кејд Канингем запиша 31 поен, 11 асистенции и осум скока за Пистонс.
Филаделфија 76ерс – Далас Маверикс (123:108)
Тајрис Макси блесна со 34 поени, 10 асистенции и осум скока, а Џоел Ембид додаде 22 поени во сигурната победа на Филаделфија во Далас.
Руки-талентот ВЈ Еџкомб постигна 23 поени, додека Ентони Дејвис се врати во составот на Маверикс со 13 поени и осум скока. Далас го запиша четвртиот пораз по ред.
Бостон Селтикс – Сакраменто Кингс (120:106)
Џејлен Браун постигна 29 поени и 10 скока и беше клучен фактор во победата на Бостон на гостувањето во Сакраменто.
Селтикс се одлепија во второто полувреме и ја продолжија добрата серија на турнејата, додека Демар Дерозан со 25 поени беше најдобар поединец кај Кингс.
Лос Анџелес Клиперс – Јута Џез (118:101)
Кавај Ленард одигра спектакуларен натпревар со 45 поени и буквално сам го носеше тимот во клучните моменти, додека Клиперс ја продолжија победничката серија на шест натпревари.
Џејмс Харден додаде 20 поени, а Јута и покрај обидот за камбек, немаше одговор за шутерската рапсодија на домаќините во последната четвртина.



