НБА преглед: Драма во Далас против Денвер, пад на Лејкерс во Феникс, Спарс го газат шампионот

Објавено:

Далас Маверикс – Денвер Нагетс 131:130

Денвер беше на чекор од уште еден камбек, но овојпат остана без среќен крај. Купер Флег одигра партија на вечерта со 33 поени, девет скока и девет асистенции и беше клучниот човек во минималната победа на Далас над Нагетс.

Иако Денвер се врати од минус 21 и за момент ја презеде контролата во четвртата четвртина, последниот напад не донесе пресврт, а тројката на Пејтон Вотсон на звукот на сирената заврши на обрачот. Џамал Мареј запиша 31 поен и 14 асистенции, додека Никола Јокиќ имаше 29 поени и 14 асистенции, но овојпат тоа не беше доволно. Со овој пораз заврши серијата од 11 победи на гости за Денвер.

Феникс Санс – Лос Анџелес Лејкерс 132:108

Без Лука Дончиќ, Лејкерс немаа одговор за експлозијата на Феникс во третата четвртина. Дилон Брукс постигна 25 поени, Девин Букер додаде 21, а Санс целосно го решија натпреварот со 45 поени во третата четвртина.

Леброн Џејмс беше најефикасен кај Лејкерс со 23 поени, а Остин Ривс се врати од повреда со солиден настап од клупата. Сепак, ЛА изгледаше немоќно кога темпото се засили, забележувајќи втор пораз по ред.

Сан Антонио Спарс – Оклахома Сити Тандер 130:110

Спарс продолжуваат да газат. Седма победа по ред и уште една јасна порака дека оваа екипа е сериозен фактор. Келдон Џонсон донесе 25 поени од клупата, Стефон Касл додаде 24, а Сан Антонио целосно го надигра актуелниот шампион.

Шај Гилџес-Александер постигна 33 поени за ОКС, но тоа не спречи убедлив пораз – најтежок за Тандер оваа сезона. Спарс сега имаат 14 победи во последните 17 натпревари и се искачија на второто место на Западот.

Шарлот Хорнетс – Вашингтон Визардс 126:109

Шарлот го скрши отпорот во последната четвртина со серија тројки и енергична одбрана. Ламело Бол заврши со 23 поени и девет асистенции, а дебитантот Кон Кнупел блесна со пет тројки во второто полувреме.

Визардс немаа одговор кога ритамот се зголеми, а четвртата четвртина заврши со убедливи 34:19 за домаќинот.

Бруклин Нетс – Филаделфија 76ерс 114:106

Мајкл Портер Џуниор продолжува со одличната форма и со 28 поени ја предводеше победата на Бруклин во Филаделфија. Нетс ја контролираа играта од дистанца и ги одбија сите обиди за камбек во финишот.

Џоел Ембид постигна 27 поени за Сиксерс, но Тајрис Макси беше целосно неутрализиран, што се покажа како клучен фактор.

Торонто Репторс – Мајами Хит 112:91

Торонто одигра еден од најзрелите натпревари сезонава и целосно го „згасна“ Мајами. Скот Барнс постигна 27 поени, а Хит повторно останаа под 100 поени, по вторпат оваа сезона, и повторно против Репторс.

Мајами продолжува со падот во форма и повторно се врати на биланс од 50%.

Кливленд Кавалирс – Њу Орлеанс Пеликанс 141:118

Кливленд демонстрираше колективна сила, а дури девет играчи постигнаа двоцифрен број поени. Донован Мичел имаше 27, а клупата донесе неверојатни 57 поени во убедливата победа.

Чикаго Булс – Атланта Хокс 126:123

Џош Гиди запиша трипл-дабл, Коби Вајт беше смирен во финишот, а Чикаго направи неверојатен пресврт од минус 18. Булс продолжуваат да бидат „црна мачка“ за Атланта оваа сезона.

Милвоки Бакс – Индијана Пејсерс 111:94

И без Јанис, Милвоки изгледаше стабилно. Кевин Портер Џуниор и Рајан Ролинс го предводеа нападот, а Индијана продолжи со негативната серија.

Минесота Тимбервулвс – Њујорк Никс 115:104

Ентони Едвардс блесна со 38 поени и ја предводеше Минесота до победа против поранешниот соиграч Карл-Ентони Таунс, кој и покрај 40 поени остана без победа во враќањето во Минеаполис.

Можеби ќе те интересира...

Поврзано

Тазе објавено