НБА преглед: Јокиќ испиша историја на Божиќ, Лејкерс немоќни против Рокетс

Објавено:

Денвер Нагетс – Минесота Тимбервулвс 142:138 (по продолжение)

Во ноќ за историја, Никола Јокиќ одигра еден од најневеројатните натпревари што НБА некогаш ги видела. Српскиот центар постигна 56 поени, 16 скока и 15 асистенции, носејќи го Денвер до драматична победа по продолжение против Минесота.

Јокиќ стана првиот играч во историјата со најмалку 55 поени, 15 скока и 15 асистенции на еден натпревар, а неговото издание на Божиќ е меѓу најдобрите во историјата на лигата. Нагетс се вратија од минус девет во продолжението, а Џамал Мареј одигра клучна улога со 35 поени и 10 асистенции.

Кај Минесота, Ентони Едвардс беше незапирлив во финишот со 44 поени, но натпреварот го заврши предвреме поради втора техничка грешка во последните секунди од продолжението, момент што ја скрши надежта на Тимбервулвс.

Лос Анџелес Лејкерс – Хјустон Рокетс 96:119

Лејкерс немаа одговор за енергичниот Хјустон и доживеаја убедлив пораз на Божиќ. Рокетс водеа од самиот почеток и постепено ја зголемуваа предноста, контролирајќи го темпото и скок-играта.

Амен Томпсон постигна 26 поени, Кевин Дурант додаде 25, а Алперен Шенгун забележа дабл-дабл со 14 поени и 12 скока. Лејкерс беа целосно надскокани (48-25), што се покажа како клучен фактор.

Лука Дончиќ беше најефикасен кај домаќините со 25 поени, додека Леброн Џејмс заврши со 18 поени во својот 19-ти божиќен настап. Остин Ривс не се врати во игра по паузата поради проблеми со листот.

Њујорк Никс – Кливленд Кавалирс 126:124

Њујорк режираше спектакуларен пресврт, надоместувајќи минус 17 во последната четвртина. Џејлен Брансон беше херојот со 34 поени, од кои 13 во завршницата, вклучувајќи и клучна тројка на нешто повеќе од една минута до крајот.

Кавалирс за првпат сезонава испуштија предност со која влегоа во последната четвртина, и покрај 34 поени од Донован Мичел. Натпреварот уште еднаш покажа колку Медисон Сквер Гарден знае да биде фактор.

Сан Антонио Спарс – Оклахома Сити Тандер 117:102

Спарс продолжуваат да газат. Со осма последователна победа, Сан Антонио му нанесе втор пораз по ред на ОКС, нешто што не му се случило сезонава.

Де’Арон Фокс постигна 29 поени, а Виктор Вембањама од клупата додаде 19 поени и 11 скока. Тандер беа лимитирани во нападот, а Шај Гилџес-Александер имаше тешка вечер од шут.

Голден Стејт Вориорс – Далас Маверикс 126:116

Голден Стејт ја контролираше завршницата и покрај налетот на Далас. Стеф Кари беше лидер со 23 поени, а клучниот момент дојде со спектакуларна забивка на Гери Пејтон II и тројка на Кари што го скрши отпорот на гостите.

Кај Маверикс, Купер Флег постигна 27 поени, но Далас остана без Ентони Дејвис уште во првата четвртина поради повреда.

Можеби ќе те интересира...

Тим Спортска Станица
Тим Спортска Станицаhttps://sportstation.mk
Официјалниот профил на уредничкиот тим на SportStation.mk.

Поврзано

Тазе објавено