НБА преглед: Леброн и Дончиќ со по 30 поени, Лејкерс го скршија отпорот на Пеликанс

 

Објавено:

Лос Анџелес Лејкерс ја продолжуваат добрата форма, а ноќта во Њу Орлеанс беше уште еден доказ дека кога Леброн Џејмс и Лука Дончиќ се на иста бранова должина – работите ретко тргнуваат наопаку.

Дончиќ блесна со 30 поени и 10 скока, а Леброн додаде 30 поени, осум скока и осум асистенции во победата од 111-103 против Њу Орлеанс Пеликанс. Клучниот момент дојде во финишот, кога Лука погоди две тешки тројки „од очај“ додека истекуваше нападот, удари што целосно го скршија отпорот на домаќините.

Лејкерс ја презедоа контролата во последната четвртина со серија 18-4, предводена од длабоки тројки на Леброн, погодок од далечина на Далтон Кнехт и доминација на Деандре Ејтон под кошевите (18 поени, 11 скока). Лос Анџелес стигна до четврта победа во последните пет натпревари, додека Пеликанс паднаа на осми пораз по ред.

Кај Њу Орлеанс, Треј Марфи одигра натпревар на кариерата со 41 поен, додека Зион Вилијамсон застана на 15.

Гризлис – Спарс 106 – 105: Спенсер херој, Вемба се врати со 30

Во Мемфис, драмата беше максимална. Кем Спенсер погоди клучни поени во последната минута и му донесе победа на Мемфис против Сан Антонио.

Спенсер заврши со 21 поен, од кои пет во финишот, а неговиот шут од полудистанца на 36 секунди до крајот се покажа како победнички. Обидот на Де’Арон Фокс за пресврт беше блокиран од Санти Алдама, а Гризлис конечно ја прекинаа серијата од четири порази.

Виктор Вембањама, во своето враќање по пауза, уфрли 30 поени за Спарс, но тоа не беше доволно.

Визардс – Меџик 120 – 112: Вашингтон преживеа голем камбек

Вашингтон за малку ќе прокоцкаше огромна предност, но Си Џеј Меколум презеде одговорност кога беше најпотребно.

Меколум постигна 27 поени, а младата екипа на Визардс, која продолжува да изненадува, ја одби сериозната закана од Орландо. По водство од дури 26 поени, Меџик се доближија на само два разлика, но серијата поени на Меколум и асистенцијата до Алекс Сар (23 поени) ја запечатија победата.

Кавалирс – Пејсерс 120 – 116: Гарланд ја замолкна Индијана

Дариус Гарланд одигра маестрална последна четвртина, постигнувајќи 14 од своите 29 поени, и го предводеше Кливленд до уште една победа и тоа без Донован Мичел.

Индијана продолжува со кошмарната сезона и го запиша 13-от пораз по ред, нов негативен рекорд во НБА-ерата на франшизата. И покрај сите проблеми со повреди, Пејсерс имаа шанса за продолжение, но финишот им избега низ прсти.

Тимбервулвс – Хит 122 – 94: Ентони Едвардс не запре

Во Минесота немаше неизвесност. Ентони Едвардс постигна 26 поени, погоди пет тројки и ја предводеше убедливата победа над Мајами, втора против истиот ривал во само четири дена.

Иако имаше проблеми со фаули и настапи со повреда на стапалото, Едвардс беше незапирлив. Руди Гобер доминираше под кошевите со 17 скока, а Тимбервулвс ја продолжија победничката серија.

 

Можеби ќе те интересира...

Тим Спортска Станица
Тим Спортска Станицаhttps://sportstation.mk
Официјалниот профил на уредничкиот тим на SportStation.mk.

Поврзано

 
 

Тазе објавено