Изминатата ноќ во НБА лигата беше во знакот на големото балканско дерби во Лос Анџелес, каде Лука Дончиќ и Никола Јокиќ приредија спектакл кој се реши со звукот на сирената, но возбудливо беше и на останатите терени низ САД.
Дончиќ со „трипл-дабл“ и поен за победа против Јокиќ
Лос Анџелес Лејкерс ја продолжија својата победничка серија совладувајќи го Денвер Нагетс со 127-125 по продолжение. Херој на вечерта беше Лука Дончиќ, кој го круниса својот осми „трипл-дабл“ во сезоната (30 поени, 13 асистенции и 11 скока) со неверојатен погодок на 0.5 секунди пред крајот.
Денвер имаше шанса да слави, откако Никола Јокиќ со својот 27-ми „трипл-дабл“ (24 поени, 16 скока, 14 асистенции) го израмни резултатот на 15 секунди до крајот, но Дончиќ со шут во последните секунди од преку пет метри го реши победникот. Покрај Лука, блескаше и Остин Ривс со 32 поени, додека Маркус Смарт додаде 21 поен, вклучувајќи ја и клучната тројка во продолжението.
Вембањама се врати со доминација против Хорнетс
Сан Антонио Спарс славеа против Шарлот Хорнетс со 115-102, а натпреварот го одбележа камбекот на Виктор Вембањама. Младиот Французин, по еден меч пауза, покажа зошто е вистинско „чудо“, запишувајќи 32 поени, 12 скока, 8 асистенции и 4 блокади.
Спарс беа супериорни во текот на целиот меч, предводени и од Деарон Фокс (17 поени) и младиот Стефон Касл (15 поени, 10 асистенции). За тимот на Грег Попович ова е 17-та победа на последните 19 натпревари, со што потврдија дека се едни од најжешките екипи во лигата моментално.
Банкеро го скроти „жешкиот“ Мајами
Орландо Меџик стигна до седмата победа по ред откако славеше на гостувањето кај Мајами Хит со 121-117. Паоло Банкеро беше незапирлив со 27 поени, 8 скока и 7 асистенции, а му помогна и Десмонд Бејн со 21 поен.
Орландо водеше со дури 22 поени разлика, но Мајами преку Бам Адебајо (20 поени) и Хаиме Жакез Јр. (22 поени) се врати во игра во финишот. Сепак, присебноста на Вендел Картер Јр. и Банкеро од линијата за слободни фрлања му ја донесе петтата сезонска победа на Орландо над Мајами за комплетена доминација во меѓусебните дуели (5-0).
Бостон стави крај на кризата против Вашингтон
Бостон Селтикс успеаја да ја прекинат серијата од два порази со триумф над Вашингтон Визардс од 111-100. Изненадување на мечот беше Немиас Квета со рекордни 24 поени и 10 скока, додека Џејсон Тејтум стандардно придонесе со 20 поени, 14 скока и 7 асистенции. Бостон доминираше во скокот (55-38), што беше пресудно за победата. Вашингтон, пак, ја продолжи својата агонија со 11-ти пораз во низа, и покрај одличната партија на Тристан Вукчевиќ кој постигна 22 поени со шест тројки.
Атланта незапирлива, Меколум го „запали“ Милвоки
Атланта Хаукс ја запиша деветтата победа по ред со убедливи 122-99 против Милвоки Бакс. Си-Џеј Меколум одигра симултанка со 30 поени и седум тројки, додека Џејлен Џонсон ја потврди својата Ол-стар форма со нов „трипл-дабл“ од 23 поени, 12 асистенции и 10 скока. Ова е најдолга победничка серија на Атланта во последните 11 години. Милвоки, кои играат без неколку клучни играчи, го претрпеа осмиот пораз на последните девет натпревари.
Филаделфија со „втор тим“ подобра од Нетс
Иако десеткувани без Ембид, Макси и Џорџ, Филаделфија 76-ерс извојуваа победа над Бруклин Нетс со 104-97. Квентин Грајмс беше најефикасен со 28 поени, додека младиот Адем Бона ги воодушеви навивачите со борбеноста под кошевите, завршувајќи со 9 поени, 10 скока и 3 блокади. Бруклин успеа да анулира негатива од 28 поени во второто полувреме, но немаше сили за комплетен пресврт, запишувајќи го 13-тиот пораз во последните 15 средби.
Сакраменто славеше во Инглвуд, повреда на Каваи Леонард
Сакраменто Кингс го совладаа ЛА Клиперс со 118-109 во нивната нова сала. ДеМар ДеРозан со 27 поени и Прешс Ачиува со 25 поени и 13 скока беа клучни за победата на Кингс. Расел Вестбрук запиша „трипл-дабл“ против својот поранешен тим (12 поени, 12 скока, 10 асистенции). Кај Клиперс, Каваи Леонард постигна 31 поен и израмни франшизен рекорд, но натпреварот го заврши предвреме поради повреда на левиот скочен зглоб, што е голема грижа за тимот од Лос Анџелес.



